Охридска лекарка направила абортус на една пациентка, го запишала кај друга

Општа болница -Охрид, Фото: Архива

Лекарка од охридската болница направила абортус на една пациентка, а го завела како да ѝ го извршила на друга пациентка, која воопшто не ни била бремена.

Лекарката доби кривична пријава за фалсификување деловни книги, откако, според полицијата, го фалсификувала и потписот на началникот на одделението, за лажно да ја завери интервенцијата.

„СВР Охрид поднесе кривична пријава против О.Ф.(60) од Охрид поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „фалсификување или уништување деловни книги“. Лицето, на 15.12.2022, во својство на доктор на едно одделение во општата болница во Охрид, извршило лекарска интервенција врз едно лице, по што интервенцијата ја завела со лични податоци од друго лице, а потоа со фалсификување на потписот од раководителот на одделението ја заверила интервенцијата“, пишува во полицискиот билтен.

Според „Алсат“, иако настанот се случил во декември лани, истрагата сѐ уште е во тек, бидејки жената била недостапна за обвинителството.

„Кривичната пријава е примена и оформен е предмет во Основното јавно обвинителство Охрид, кое постапува и презема дејствија за испитување на настанот“, велат од ЈО за „Алсат“.

Во меѓувреме, како што јавува телевизијата, 60-годишната докторка и натаму оди на работа во болницата. Таа и претходно била суспендирана од работа за друг случај. Против неа се водел и судски спор, кој го добила, па болницата ѝ платила оштета од милион денари (околу 16.000 евра) и била вратена на работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот