„Огнените“ и Ахмети постигнале компромис – нивни членови ќе раководат со органи на ДУИ, отчетот на функционерите се одложува

Фото: ТВ21/колаж „Слободен печат“

На денешниот шестчасовен состанок-координација во партиското седиште на ДУИ во Мала Речица, бил постигнат компромис меѓу лидерот Али Ахмети и раководството на партијата од една страна и членовите на таканаречената „огнена група“ која бара да бидат сменети Артан Груби и други функционери, дознава „Слободен печат“.

Според нашите извори, договорено е актуелниот потпретседател на партијата, Изет Меџити, да остане на таа функција и по утрешното Генерално собрание. Уште еден член на „огнените“, Блерим Беџети, доаѓа на партиска функција и тој ќе биде организациски секретар. Муса Џафери ќе биде претседател на Надзорниот одбор.

За потпретседател на партијата ќе биде избран и актуелниот пратеник Арбер Адеми, како и Бајрам Реџепи. Уште еден компромис е постигнат околу последното потпретседателско место, на кое, според информациите, ќе биде поставена Арбана Пашоли, наместо првичниот предлог тоа да биде пратеничката Арта Зендели-Биљали, за која се вели дека е блиска до Груби.

„Огнените“ попуштиле околу барањето за отчет на актуелните функционери на партијата, кој според информациите нема да инсистираат да се случи на утрешната седница, туку е одложен за две недели, за 29 октомври.

Фатон Ахмети ќе биде поставен за генерален секретар, додека Саранда Имери ќе ја извршува функцијата секретар за родова еднаквост.

Членовите на „огнената група“ денеска не дојдоа на почетокот на координацијата во партиското седиште, но се појавија на околу еден час пред крајот на средбата, откако според нашите извори, ги повикал Али Ахмети за лично да им го предложи компромисот.

„Огнените“ не откриваат дали и по денешната средба сѐ уште важи ултиматумот кој му го поставија на Ахмети: реформи во партијата и разрешување на спорните функционери или формирање фракција во рамките на партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот