Утре заседава Генералното собрание на ДУИ: Или смена на Груби, или „огнена“ фракција во ДУИ

Фото: МИА

„Огнената група“, предводена од Изет Меџити, Муса Џафери, Блерим Беџети и Невзат Бејта е на чекор од фракционерско дејствување во рамките на ДУИ, брифираат за „Слободен печат“ извори блиски до фракционерите.

„Огнените“ подолго време инсистираат на смена на првиот вицепремиер Артан Груби, на шефот на дипломатијата Бујар Османи и на министерот за економија Крешник Бектеши. Ако и на состанокот на Генералното собрание, закажан за утре, раководството на ДУИ не го промени ставот, „огнените“ најавуваат дека ќе формираат фракција.

Оваа најава доаѓа откако лидерот на партијата Али Ахмети наводно, не сакал да го смени Груби и останал на ставот дека не е потребна промена на министри.

„Огнените“, иако биле поканети, одбиле да одат на денешната консултативна средба на старото Централно претседателство. Тие велат дека не сакаат да учествуваат на состанок каде што само би фигурирале, а суштински ништо немало да се промени. Оттаму велат дека изминатава недела биле на една таква консултативна средба, но дека немало напредок во разговорите. „Огнените“ ќе присуствуваат на утрешното заседание на Генералното собрание, на кој ќе треба да се избере новото претседателство, потпретседателите и генералниот и организацискиот секретар на партијата, како и да почне расправата за отчетот на министрите. Тие брифираат дека изминатава недела биле во секојдневна комуникација со Ахмети, но дека кај лидерот нема расположение за смена на Груби и на други министри.

– Комуницираме секојдневно, но не сме ни блиску со ставовите со Ахмети. Ако не најдеме решение, размислуваме за фракционерство. Ахмети по секоја цена сака да го задржи Груби, но нема убедливи аргументи за тоа. За сè може да разговараме, може да зборуваме и за Османи и за Бектеши, но за Груби нема компромис – децидни се „огнените“.

Според нив, Ахмети не сака реконструкција на министри од ДУИ и се обидел да ги убеди дека тие добро работат. „Огнените“ укажувале дека нема реализација на проекти во Владата битни за ДУИ и дека тие се само на хартија.

– Груби, наместо како прв вицепремиер, функционира како проектантско биро. На социјалните мрежи промовира проекти кои се само на хартија, без никаква реализација. Како министер за политички систем не поднел ниту еден закон или дополнување на закон од неговиот ресор, а политички систем е половина Влада. Министрите сѐ уште не доставиле ништо за сработеното во изминативе две-три години – велат фракционерите.

Несогласувања меѓу лидерот и „огнените“ има и за кадровските решенија на новото потесно претседателство. Генералното собрание ќе треба да го избере Централното претседателство кое има 33 члена. „Огнените“ се противат на понудата на Ахмети за новите четири потпретседатели на партијата. За да го амортизира незадоволството, Ахмети за потпретседател го предложил Изет Меџити, кој со Теута Арифи, Невзат Бејта и Садула Дураку се актуелни потпретседатели, бидејќи по последниот Конгрес на ДУИ, пред три години, не беа избрани нови потпретседатели. Освен Меџити, за нови потпретседатели ќе бидат предложени пратениците Арта Билјали Зендели и Арбер Адеми, како и Бајрам Реџепи, директор на Национални енергетски ресурси. На местото на актуелните секретари Атила Реџепи и Артан Груби ќе бидат предложени Фатон Ахмети и Вулнет Џафери, актуелните претседатели на тетовскиот и на гостиварскиот огранок на партијата.

„Огнените“ брифираат дека ако Ахмети остане на тие предлози, Изет Меџити ќе му се заблагодари и ќе ја одбие понудата да биде потпретседател, бидејќи иако Груби не е во најтесното партиско раководство, сите други предлози се за луѓе со кои „раководи“ Груби. Тие не се согласуваат ниту за генерален и организациски секретар да бидат поставени луѓе што се одговорни за поразот на ДУИ на локалните избори во Тетово и во Гостивар, а како ново најтесно раководство, како послушници на првиот вицепремиер, ќе треба да одработат за Груби до Конгресот закажан за идната година.

Ова навестува дека „огнените“ се поблиску до формирање на фракција отколку до стивнување на незадоволството во партијата.

– Ако не се договориме, преминуваме на план Б. Ќе побараме измена на Статутот на партијата и веруваме дека без проблем ќе се одобри барањето бидејќи, да потсетиме, Ахмети отсекогаш се залагаше да има фракција во ДУИ – велат „огнените“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот