Од куртизана до двоен агент: Мата Хари, жената која сакала да ѝ погледне на смртта во очи
Родена е на денешен ден, 7 август 1876 година како Маргарета Гертруда Зеле во Холандија. Била разгалена ќерка на трговец која живеела во благосостојба до тинејџерските години, кога мајка ѝ умрела, а таткото семејството го довел до банкрот.
Препорачано
Сопругот ја злоставувал и ја тепал
На 19 години се омажила за воениот капетан Рудолф Меклауд, по само една недела додворување, и отпатувала со него во Индија. Меѓутоа се испоставило дека Рудолф бил пијаница и коцкар кој вербално и физички ја злоставувал. Со него имала две деца.
Развод и почеток на танцувањето
Кога конечно се развела од него, тој добил старателство над детето, а другото дете умрело под неразјаснети околности уште пред разводот.
Почнала да позира гола, да се проституира и да се занимава со егзотичен танц.
Својата „раскалашена“ кариера ја развила во Париз, кој ја прифатил со раширени раце. Си го дала името Мата Хари што значи „сонце“ или „слика на денот“. Била висока, атрактивна и вешта во индиските танци. На сцената се појавувала скоро гола.

Од креветите на војниците до шпионирање
Мата Хари со танцот ги заведувала мажите и голем број луѓе на високи позиции сакале да бидат токму со неа во кревет.
Со своите настапи го привлекла вниманието и на германската и на француската влада. Настапувала во Германија кога започнала Првата светска војна. Иако Холанѓанка по раѓање, била сметана за Французинка и сите работи ѝ биле конфискувани. Германскиот конзулат не сакал да ѝ ја надомести загубата, но ѝ понудиле пари во замена за шпионирање на Франција.
Двоен агент
Додека војната беснеела, Мата Хари почнала да го привлекува вниманието на француската разузнавачка служба. Постапувајќи по дојава на италијанската влада, Франција започнала постапка за нејзина депортација. Наместо тоа, лукавата танчерка ги наговорила да не ја депортираат во замена за информации за Германија и така продолжила да шпионира за двете земји.
Без превез на очите во смрт
Уапсена е на 13 февруари 1917 година во хотелска соба во Париз, откако Франција ја пресретнала нејзината шпионажа за Германија.
Поминала неколку месеци во притвор и иако отворено зборувала за својот промискуитетен начин на живот, инсистирала дека не се занимавала со шпионажа.
–Куртизана, признавам – рекла таа – Шпион? Никогаш!
Осудена е како германски шпион и стрелана на 15 октомври 1917 година. Барала да се соочи со смртта без превез на очите.
Историчарот Леон Ширман во 2003 година тврдел дека француските власти го режирале нејзиното судење и дека со нејзиниот исказ се манипулирало според потребите. Во своите книги Ширман докажувал дека судењето било чиста пропаганда, а Мата Хари жртвено јагне.


