Обвинителството после долги 6 месеци не најде ништо спорно во секс кампот на извидниците

Илустрација: Извидници / Фото: Архива на „Слободен печат“

Јавното обвинителство реши да не поведе постапка против организаторот на извидничкиот камп „Секс скаутс и рок енд рол“, иако тројца родители пријавија во полиција дека нивните деца учествувајќи на овој камп биле изложени на несоодветни, експлицитни активности, кои вклучувале боење на половите органи и нивно пресликување на хамер, под плаштот на сексуалната едукација.

Скопското јавно обвинителство било известено од полицијата дека родител на една од учесничките на настанот пријавил во СВР Скопје дека настанот кој се одржувал во местото Градовци, општина Зелениково, не бил само со едукативен карактер туку дека во него има елементи на детска порнографија. Тој навел дека според неговите сознанија таму се прикажувале пози на деца кои во себе содржат сексуален мотив и дејствија кои прикажуваат очигледно полово дејствие. Истиот родител кој во телефонска изјава за „Слободен печат“ го откри случајот, ги опишуваше овие активности, за кои неговата ќерка заврши на психолошко советувалиште, а неколку од другите деца учесници се откажаа од извидниците и престанаа да ги посетуваат нивните активности.

Организаторите му доделиле награда на девојче за „најдобри гради“, реакциите и сведочењата за извидничкиот камп не стивнуваат

Според девојчето, кое се обратило до училишниот психолог со писмена изјава, а која родителот ја образложи во аудио разговорот со нашата редакција, активностите биле несоодветни, вклучувале соблекување на облеката и прашање колку сексуални партнери имале децата, глумење секс пози, сликање панорамска слика со секс пози до манастир. По објавата, Град Скопје ја прекина соработката со Прв Скопски извиднички одред, а на обвинителството му требаа дури шест месеци да одлучи да не постапува.

АУДИО | Родител на средношколка од Скопје обвинува за скандалозни активности на камп: Сексуална едукација под секое ниво, децата побарале психијатриска помош!

Обвинителството ги испитало сите учесници на настанот и одзело мобилен телефон на еден од водичите на кој се очекувало да се пронајдат записи кои произлегуваат од настанот, а кои би можеле да послужат како доказ во кривичната постапка. Не нашле видео и фотографски докази, а организаторот, „Прв Скопски извиднички одред“ бил испрашан по што обвинителството утврдило дека нема елементи на кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија од чл.193-а од КЗ или друго кривично дело.

Сите испитани инволвирани учесници, почнувајќи од волонтерите водичи преку самите извидници кои учествувале на настанот, навеле дека станува збор за настан кој се одвивал во повеќе етапи. Покрај класичните извиднички дејствија, а тоа е преминување одредена територија пешки, врзување јазли, логорување, подготовка на храна и слично, биле додадени и вежби и активности кои што претставуваат сексуална едукација на лицата кои што учествувале со нагласка дека станува збор за лица на возраст од 16-21 година.

Дејствијата биле насочени како превентивни, но и едукативни материјали кои директно и индиректно би значеле заштита од венерично преносливи заразни болести и заштита од несакана бременост. Ова било спроведено низ игри и вежби, за кои анализата дали одговараат или не на возраста на учесниците и дали природата на вежбата е во согласност со нивните потреби може да се врши низ социолошки аспект, но не и да биде предмет на кривично-правна одговорност, бидејќи дејствијата не ги содржат елементите на предметните кривични дела предвидени во законот, велат од Обвинителството и потенцираат дека нема да има јавнообвинителско постапување.

НОВО АУДИО | Втора родителка го пријави сексуалниот камп во полиција: Син ми е згрозен од тоа што го сведочел – боење полови органи и пресликување на хамер

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот