Организаторите му доделиле награда на девојче за „најдобри гради“, реакциите и сведочењата за извидничкиот камп не стивнуваат

Илустрација: Извидници / Фото: Сојуз на извидници на Македонија

„Слободен печат“ од свои доброупатени извори дознава дека јавен обвинител издал насоки, во полициска станица на разговор да се повикаат организаторите на кампот. Потоа материјалите ќе бидат испратени до обвинителот, кој ќе оцени какви дејства ќе се преземат понатаму.

Откако „Слободен печат“ објави за скандалозниот извиднички камп што викендов се одржал во близина на Скопје, а каде што имало непримерни активности во кои малолетници, меѓу другото, ги боеле своите полови органи и оставале отпечатоци од нив на хамер и симулирале секс пози до манастир под превезот на сексуална едукација, многубројни реакции пристигнуваат во нашата редакција.

Мајка на средношколец, кој исто така присуствувал на кампот организиран од Прв скопски извиднички одред, ни потврди дека нејзиниот син и уште шестмина учесници веднаш по кампот се отпишале од извидничкиот одред затоа што биле истрауматизирани. И таа случајот ќе го пријави во полиција.

– Моето дете, иако е голем љубител на извидниците, е толку разочарано откако се врати од кампот, што во истиот момент излезе од извидничкиот одред и рече дека ова е акција што го оцрнува образот на извидниците. Тој е „за“ сексуална едукација, но како што треба, а не на ваков начин. Сексот не е табу-тема, но тоа што се случувало таму, било крајно вулгарно и екстремно. Некое дете го терале да стави кондом на краставица. Кога не знаел како да го направи тоа, го исмевале пред сите. Не може возрасен човек од над 40 години да доделува награда на девојче од 16 години и да му рече „имаш прва награда за најубави гради и следната година да дојдете поголи и повесели“. Може татко да ѝ биде. Јас да бев известена дека такви активности ќе има на тој камп, никогаш немаше да го пуштам син ми таму, верувајте – ни рече мајката.

Уште една мајка на шеснаесетгодишник ја потврди верзијата на настаните што претходно ја објави „Слободен печат“, а за која сведочеа ученици кои по настанот побарале психолошка помош поради истрауматизираност.

– На кампот учениците, како дел од активностите, требало и да насликаат пејзаж од околината, во која имало двајца што симулираат сексуална поза. Кога едно девојче што не сакало да учествува во активноста плачело и се тресело, дел од организаторите, според кажувањата на син ми, со викање и повишен тон и кажале да се спакува и да си оди со прашањето која мисли дека е. Во два часот ноќе да си оди, во планина со диви мечки. Тоа е нехумано. На почетокот син ми мислел дека се шегуваат кога зборувале „сега ќе ставате чорапи на пенисите“, меѓутоа подоцна сфатил дека работата преминала во најголема екстремност. Син ми одбил да глуми секс пози со стенкање во манастир, па револтирано го испратиле да оди в шума. Згора на тоа, биле обоени со црна боја нa лицето, цело село ги гледало кога поминувале. Дел од присутните возрасни во кампот ги коментирале градите на девојчињата. Син ми не сака да слушне веќе да оди таму по овој викенд – ни рече втората мајка на шеснаесетгодишен средношколец.

Јавното обвинителство отвори предмет за случајот. „Слободен печат“ од свои доброупатени извори дознава дека јавен обвинител издал насоки, во полициска станица на разговор да се повикаат организаторите на кампот. Откако организаторите ќе дадат исказ во станица, потоа материјалите ќе бидат испратени до обвинителот, кој ќе оцени какви дејства ќе се преземат понатаму. Во меѓувреме, според нашите неофицијални информации, родители почнале да им се закануваат на одговорните во извидничкиот одред.

„Прв скопски извиднички одред“, организацијата што е организатор на настанот, два дена не одговара на нашите мејлови и телефонски повици. Зоки Сиљковски од овој одред, претходно во изјава посочи дека сексуална едукација организираат од 2009 година и никогаш немале поплаки.

Според родителите на вознемирените малолетници, активностите во кампот биле несоодветни, вклучувале соблекување на облеката и прашување колку сексуални партнери имале децата. Целиот настан бил спакуван како натпревар, па така сите активности носеле соодветни бодови, при што повеќе се вреднувале и бодувале активностите каде што децата соблекувале поголем дел од облеката.

Според татко на една од учесничките, во планината, благодарение на ваквиот начин на бодување, се шетале машки деца само во долна облека, а на хамер со боја оставани биле отпечатоци од женски и машки полови органи, затоа што тоа било вреднувано со најмногу бодови, вкупно 80.

Видео на денот