Обвинителите Ајро и Бубевски реагираат по кривичната пријава за „Труст“: Ништо од тоа не е вистина

Гаврил Бубевски / МИА

Сите наводи во кривичната пријава поднесена од Државното правобранителство, а која се однесува на постапката за конфискација на имотот во предметот „Труст” целосно ги отфрламе како невистинити – реагираат денеска обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски, против кои Државното правобранителство поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба како обвинители на поранешното СЈО и несовесно работење во случајот „Труст“, во кој обвинет беше бизнисменот Сеат Кочан.

Во пријавата, која беше објавена во вчерашното издание на емисијата „Код“ на телевизија Телма, пишува дека Државното правобранителство смета оти обвинителите, заедно со тогашниот истражител во СЈО, а сега директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми, не поднеле навремено барање за замрзнување на имотот на компанијата „Трансмет“ вреден 17,2 милиони евра, а Кочан тоа го искористил, па си го префрлил имотот на друга фирма – токму на денот кога СЈО побара замрзнување.

Ајро и Бубевски, кои и натаму се активни обвинители, сега велат дека работеле според законот.

„Во предметот „Труст”, во кој постапувавме како надлежни јавни обвинители, ги презедовме сите мерки и активности во наша надлежност. Задача на обвинителството е да ја лоцира имотната корист, да побара од судот нејзино замрзнување и на крајот на судската постапка да предложи нејзина конфискација. Согласно член 202 став 11 и член 541 став 5 од Законот за кривична постапка, сите дејствија врз имотот и предметите што се предмет на обезбедување, а кои се преземени по поднесувањето на барањето за привремена мерка, како што е во овој случај, се ништовни. Постапката за заштита на имотните интереси на државата надвор од кривичниот прогон е во надлежност на Државното правобранителство“, велат обвинителите.

„Укажуваме дека во стечајната постапка поведена меѓу првостепената и второстепената пресуда во предметот, согласно член 89 од Законот за стечај, „секој доверител може да оспори побарување на друг доверител доколку поднесе посебен приговор”, согласно условите наведени во законот. Во конкретната стечајната постапка доверител е државата, а нејзин застапник за имотните интереси е Државното правобранителство. Јавното обвинителство по ниту еден основ не се појавува како доверител во стечајната постапка, ниту е известено за нејзиниот исход. Тоа впрочем е истакнато и во решението на стечајниот судија, кој во текот на постапката му предочил на државниот правобранител дека дел од имотот кој е предмет на стечајно побарување е предмет на конфискација со правосилна пресуда. Но и покрај укажувањето, државниот правобранител не ги заштитил имотните интереси на државата. На крајот на судската постапка во предметот „Труст” обвинителството, согласно своите надлежности, побара конфискација на имотот и по правосилноста на пресудата тој имот е запишан на име на Република Северна Македонија. Имотот што е предмет на конфискација постои и неговото впаричување не е оневозможено.

Како јавни обвинители, уверени сме дека проверката на наводите во кривичната пријава од Државното правобранителство ќе резултира со утврдување на релевантни факти од кои ќе се утврди нашето постапување согласно закон. Исто така, уверени сме дека со целосно расчистување на овој случај, јавноста ќе добие увид во вистинските причини и мотиви за нападот врз нас како јавни обвинители кои постапуваа по предметот. Посочуваме дека институциите треба да соработуваат и да работат во интерес на граѓаните и на државата, а не со неосновани напади да го затскриваат сопственото непостапување.

Во досегашното наше работење одлучно се залагаме за транспарентност во постапувањето и за отворена директна комуникација со медиумите. Затоа, изразуваме разочарување за одлуката на уредувачкиот тим на емисијата „КОД”, емитувана на 10.04.2022 (недела), еднострано да го презентира комплексниот предмет поврзан со конфискацијата во „Труст”, без притоа воопшто да ни даде можност нам, како надлежни јавни обвинители за случајот, да ги изложиме нашите аргументи. Со тоа, јавноста нецелосно е информирана, а основа за емисијата е кривичната пријава доставена на 08.04.2022 (петок) и по која во времето на емитување на емисијата сѐ уште не бил отворен предмет во Јавното обвинителство. Во емисијата прекршен е принципот на пресумпција на невиност, а изнесените еднострани наводи и констатации се шпекулации.

Истакнуваме дека нашето постапување е законито и очекуваме дека во постапката ќе се утврдат битните факти и околности за донесување соодветна одлука, а особено дали со поднесената кривична пријава се врши кривично дело лажно пријавување. Остануваме отворени и транспарентни за медиумите за да може јавноста да ги добие точните информации“, се вели во реакцијата на обвинителите Ајро и Бубевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот