Обвинение против шестчлена група за фалсификување евра, продале лажни пари вредни над 114.000 евра
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) поднесе обвинителен акт против шест лица осомничени дека како дел од злосторничка група сториле кривични дела поврзани со фалсификување пари.
Препорачано
Првоосомничениот, кој ја организирал групата, и уште едно лице се обвинети и за „правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“, додека останатите четворица се товарат за „фалсификување пари“.
Според Обвинителството, од крајот на 2023 до февруари 2025 година, групата дејствувала на територија на Македонија и Србија, при што набавувала и користела опрема за производство на лажни евра во апоени од 20, 50, 100 и 200 евра.
Фалсификуваните банкноти биле дистрибуирани во Србија, каде се продавале по цена од 25–30 отсто од нивната номинална вредност. Во наведениот период, групата продала вкупно 114.150 лажни евра за сума од 42.400 евра.
Шестообвинетиот, како што се наведува, изработувал и одржувал машини за фалсификување.
Против шесте лица веќе е побарано продолжување на мерката притвор, додека за шест српски државјани кои се поврзани со истата група, постапката се води во Србија.


