Објавен тригодишен тендер за лекување ретки болести од 90 милиони евра

Министерството за здравство го објави тендерот за лекови за ретки болести за периодот од мај 2026 до декември 2028 година. Проценетата вредност без ДДВ за сите лекови што се бараат со јавниот повик, а кои треба да ги добијат јавните здравствени установи е 90.5 милиони евра. Оваа сума се однесува на наредните 2,5 години. Ова е првпат Министерството за здравство да распишува тендер за набавка на лекови за ретки болести за толку голем временки период одеднаш. Сумата што е објавена во тендерот е многу повисока од онаа што е наведена во Програмата за лекување ретки болести за 2026 година која ја објави Министерството за здравство, а која беше критикувана од страна на здруженијата, пациентите и опозицијата.

Така, опозициската СДСМ критикуваше дека се кратат милиони евра во Програмата за лекови за ретки болести за 2026 споредено со онаа во 2025.

-Бројот на пациенти со ретки болести расте, а Владата го намалува буџетот. За Владата тоа можеби е бројка во табела, но за пацинетите тоа е терапија што може да доцни, лек што може да недостига, третман што може да се прескокне. Кај ретките болести доцнењето значи влошување, а некогаш неповратна штета, изјави доктор Рената Младеновска, поранешна директорка на Државниот здравствен инспекторат и член на СДСМ.

И навистина, ако се погледнат сумите, во 2025 година со Програмата предвидени биле 20,5 милиони евра, а во 2026 предвидени се 17,5 милиони евра. Но, она кое што е наведено во јавната набавка дава надеж за пациентите бидејќи сумата објавена во јавната набавка изнесува 90,5 милиони евра за 2.5 години.

Во регистарот за ретки болести има 1093 пациенти од кои 240 се на возраст од 14 години. Сепак, неофицијалната бројка на пациенти со ретки болести во Македонија според Весна Алексовска, претседателка на здружението на пациенти со ретки болести „Живот со предизвици“ е околу 22 илјади. Оние кои не се во регистарот, се лекуваат преку условните буџети на Клиниките.

Во повикот за јавна набавка на лекови за ретки болести објавен на страницата на Бирото за јавни набавки наведени се 77 лекови во форма на таблета, капсула, вијала за инфузија, прашок или наполнет шприц. Економските оператори може да се пријават најдоцна до 6 април кога ќе се случи и отворањето на понудите.

Пациентите и претставниците на здруженијата на ретки болести и годинава остануваат со старите прашања и недоумици, впрочем како и пред секој тендер од кој им зависи квалитетот на животот.

-Споредено со претходните години, ако се водиме според сумата на тендерот, таа е зголемена и не кореспондира со програмата. Излегува дека годишно има по 30 милиони евра и тендерот на ваков начин е во ред. Единственото нешто што не го знаеме, е што ќе се случува со новите лекови во тие две и пол години. Ако излезат нови лекови, дали ќе се отворат нови тендери, тоа прашање не ни е одговорено. Во тендерот има и нови додадени лекови, како што видовме. Но, што се однесува до стариот тендер, има доцнење. Моментално чекаме анекси на поранешниот тендер, зашто ќе снемуваат лекови. Различни пациенти имаат различни количини на преостанати лекови. Некои имаат за до крајот на мај, други до крајот на јуни. Треба да се направат анекси, не знам дали се направени, – изјави Алексовска за „Слободен печат“.

И покрај тоа што електронскиот регистар за ретки болести постои во земјава од 2018 година, сепак за новите пациенти процедурата за регистрација е нетранспарентна и нејасна. Да се биде регистриран пациент со ретки болести во земјава е многу важно зашто на таков начин пациентот добива право да ги прима скапите животоспасувачки третмани на товар на државата.

-Процедурата за впишување во регистарот е таква, докторот да мора да го пријави пациентот на стручен колегиум во Клиниката каде се лекува, па потоа стручниот колегиум да го достави името и документацијата во Комисијата за ретки болести при Министерството за здравство, таму да се презентира и да се регистрира пациентот. Потоа треба да се регистрира и да се напише лекот што треба да го прима и кој треба да му се одобри. Тоа е процедура која трае неколку месеци – додава Алексовска. 

За здруженијата секогаш останува и дилемата што ќе се случи со новодијагностицираните пациенти во следниот период, со оглед на тоа што тендерот се планира само за оние пациенти што се во регистарот, сите лекови се многу скапи и не се лесни за наоѓање ниту евтини за плаќање од сопствен џеб. Од друга страна ретките болести се хронични, го намалуваат квалитетот и должината на животот на заболените лица, околу 80 проценти од нив се генетски а повеќето од нив се неизлечиви.  Ова го зголемува притисокот на семејствата што се носат со ваква дијагноза кај некој член, бидејќи патот до самото дијагностицирање исто така е тежок – дијагностичките процедури се тешко достапни и скапи, а самата болест тешко се препознава што значи дека голем дел од пациентите поминуваат години додека да дојдат до име за состојбата.

Здружението на ретки болести „Ретко е да си редок“ објави неофицијален регистар со 408 ретки дијагнози.

-Тоа не се само бројки, туку наши сограѓани кои заслужуваат да бидат видливи – вели претседателката на здружението Гордана Лолеска.  

Пред да се објави јавниот повик за лекови за лекување ретки болести, имаше многу негативни реакции поради тоа што буџетот предвиден во Програмата за 2026 година за таканаречени „орфан“ лекови за лицата со ретки болести кои се вклучени во електронскиот регистар на ретки болести во земајва беше намален споредено со ланскиот. Објавениот тендер пак, кој е за две и пол години покажа дека сумата е зголемена, односно дека се работи за 90 милиони евра за овој период.  Во Министерството за здравство прашавме на што се должи оваа дискрепанца, но до објавувањето на овој текст, одговор не добивме.

Преку Програмата за ретки болести се лекуваат оние заболувања чија преваленца во Македонија не надминува 1 на сто илјади жители. Во Програмата не е вклучено обезбедување на потребите од ортопедски и други помагала, обезбедување на суплементи (масти и витамини и слично), како и за лицата кои се лекуваат преку Фондот за здравствено осигурување.

За поставување на терапија не може да се одлучува ретроактивно откако е одобрена терапија на друго ниво во државата, отпочнато лекување во друга држава или ако е првично отпочната терапија преку донации.

Според програмата, новоизлезените лекови кај кои не е помината 1 година од одобрувањето, нема да се одобруваат сè додека не се добие меѓународна потврда дека истите даваат позитивни резултати, дека се препорачани од релевантни институции за употреба и дека се подготвени упатства за практикување на медицина заснована на докази за дијагноза, третман и следење на пациентите со одредена ретка болест.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот