Ново откритие – научниците го вратија памтењето кај стари глувци со спреј за нос
Научниците направија значаен чекор во разбирањето на стареењето на мозокот, откако експериментален назален спреј успеал да го обнови памтењето и когнитивните способности кај стари лабораториски глувци, пишува „Саенс алерт“.
Препорачано
Истражувањето се базира на употреба на екстрацелуларни везикули – микроскопски „пакети“ што клетките ги користат за меѓусебна комуникација, добиени од човечки матични клетки. Овие честички се внесуваат преку носот, што им овозможува побрзо и поефикасно да стигнат до мозокот.
Резултатите биле импресивни: за краток период се забележало значително подобрување на меморијата и општата функција на мозокот, а ефектите траеле со месеци.
Еден од клучните фактори за ваквиот напредок е намалувањето на воспалението во мозокот, процес познат како неуроинфламација, кој игра голема улога во когнитивниот пад со стареењето. Терапијата не само што ја намалила оваа појава, туку и ја подобрила функцијата на митохондриите, односно енергетските центри на клетките.
Во експериментите, третираните глувци покажале подобри резултати на тестови за памтење, биле поактивни и подобро се снаоѓале во околината, однесувајќи се слично како помлади единки.
Овие наоди сугерираат дека третманот не делува само на еден аспект, туку има пошироко влијание врз целиот когнитивен систем.
Иако студијата е спроведена на животни, резултатите отвораат надеж за идни терапии кај луѓето, особено за состојби како Алцхајмерова болест, каде сегашните третмани главно го забавуваат, но не го запираат процесот.
Сепак, научниците предупредуваат дека станува збор за рана фаза на истражување. Терапијата сè уште не е тестирана кај луѓе, а за нејзина клиничка примена ќе бидат потребни дополнителни испитувања.
И покрај тоа, резултатите отвораат нова перспектива – дека стареењето на мозокот можеби не е целосно неповратен процес.
Што да направите? Мозокот брзо старее на овие три клучни возрасти – 57, 70 и 78 години


