Новиот бран македонски рапери „гази“, ова е Јасмин од Доуп Куќата, запомнете го добро неговото име ако до сега не сте го чуле!

Рапот е реализам, инклузија, култура, трансверзалност, оспорување и поезија. Рапот е натпревар на креативно рециклирање, вели Јасмин, претставник на урбаниот и интелектуален бран на младите македонски рапери.

– Вo рап албумите често има интро, па ова е моето. Кога сум се родил, пред 58 години (знам, знам, изгледам младолик, тоа се должи на физичката активност, здрава исхрана и пиење многу вода), по закон морале да ми наденат некое име, па ме нарекле Јасмин. Доуп Куќата е домот мој, улица ,,Рап Позитив” без број.

Малкумина биле општо запознаени со рап во раните 90-ти на овие простори, а уште помалку имале визија да го адаптираат.

Рапот е реализам, инклузија, култура, трансверзалност, оспорување и поезија?

– Сè од горенаведеното.

Како би им ја објаснил рап културата на оние кои отсекогаш се држеле подалеку од неа без да размислат за нејзината вредност и значење?

– Со мои зборови. Ќе им изрецитирам некој мој текст и веднаш ја сфаќаат нејзината вредност и значење.

Рапот е стар над 40 години и поминаа над три генерации уметници. Како претставник на новиот раперски бран кај нас, што научи ти и твојата генерација рапери од ,,старата школа” и што е за вас ,,стара школа”?

– Како што нема дрво без корен, така ќе нема ни нова школа без старата. Рапот е натпревар на креативно рециклирање и моите омилени артисти имаат познавање на основата, но ја интерпретираат на свој единствен начин.

Според мене стара школа за секого е она што е издадено пред да почне да слуша рап, така да за мене деведесетите, за моите другари двеилјадитите, за генерацијата пред мене осумдесетите.

Ена Веко беше првата македонска раперка и во раните 90-ти години беше вистинска атракција, може ли да се согласиме дека рапот кај нас е промовиран и лансиран, сепак, од жена?

– Секако. Малкумина биле општо запознаени со рап во раните 90-ти на овие простори, а уште помалку имале визија да го адаптираат. Секој еден/една кој/а помогнал/а да се прошири убав збор за рапот, глобално и кај нас, има свој удел во мојата музика. Старата школа ја дава основата и покажува дека може да звучи добро и на македонски јазик, има доста популарни рап „траки“ од тоа време, кога иако немало голема рап публика, биле пуштани на телевизија и радио и биле дел од македонската музичка естрада, можеби и повеќе од денес. Сепак, и моите родители слушнале за Ена Веко. Условите за снимање и промовирање на материјалот биле многу различни и посложени од денес и секако виновници се за инспирацијата на оние кои ги следеле.

Може само да ни биде криво што нема повеќе позитивни рап примери кај женската популација кај нас.

Денес, барем кај нас, изгледа дека рапот стана ,,машка работа”, што е со жените раперки, или не ги примате во друштво?

– Ние сме Доуп Куќата, а куќа без жена е… пештера. А, ние не сме Доуп Пештарата. Може само да ни биде криво што нема повеќе позитивни рап примери кај женската популација денес, бидејќи даваат ново ниво на креативност, имаат различен пристап и баш би сакал да го слушнам нивниот поглед на работите кои не опкружуваат.

Рапот освен што провоцира, би требало да едуцира. Каква едукативна порака им испраќате на девојките од вашата генерација?

– Да бидат свои, да размислуваат со својата глава, да си ја следат интуицијата и да не им е многу гајле што мислат другите за нив. А, им испраќам и други видови на пораки…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот