европски парламент европа знамиња европски знамиња на европа
Знамиња на земјите-членки на ЕУ / EPA-EFE/PATRICK SEEGER

Нови правила од утре за влез во земјите во ЕУ: Ќе нѝ земаат отпечаток од прст и ќе нѐ фотографираат

Системот ќе се воведува постепено во следните шест месеци, што значи дека нема сите премини да го користат веднаш, а до 10 април ќе постојат и двата система паралелно. Само Естонија, Луксембург и Чешка ќе го воведат целосно од утре.

Патниците кои ќе пристигнуваат во Европската Унија од земји што не се членки, вклучително и од Македонија, од утре ќе треба да се подготвени дека подолг ќе чекаат затоа што стапува во сила новиот автоматизиран Систем за влез/излез (ЕЕС), што ќе го замени досегашното рачно печатирање на пасошите.

Новата процедура предвидува државјаните на трети земји да застанат пред службеник за пасошка контрола или да користат киосци за самопослужување на аеродромите, пристаништата и на меѓународните железнички терминали за да дадат отпечатоци од прсти и да бидат фотографирани. Овие податоци ќе се чуваат во системот три години и ќе овозможат дигитално евидентирање на влезовите и излезите, со што ќе се детектираат лицата кои го надминале дозволениот престој од 90 дена во период од 180 дена, пишува РСТ.

„Од недела, 12 октомври, земјите-членки ќе почнат електронско регистрирање на податоците на патниците кои не се од ЕУ на граничните премини. Тие ќе го прават тоа постепено, првично само на некои од премините. На крајот од шестмесечниот преоден период, новиот систем ќе биде целосно во сила на сите премини. Ставањето печат ќе биде заменето со електронска регистрација“, објаснува Маркус Ламерт, портпарол на Европската комисија.

Авиокомпаниите и властите стравуваат од можен хаос.

„Авиокомпаниите кои летаат до големите аеродроми имаат строги распореди, па и само неколкуминутно доцнење на граничната контрола може да ги поремети поврзаните летови“, изјави Монсерат Барига, генерален директор на Здружението на европски регионални авиокомпании.

Националните власти се загрижени за можниот хаос, особено во Франција, која е водечка туристичка дестинација во светот. Анонимен функционер од француското Министерство за внатрешни работи изјави дека со новиот систем, времето на чекање на граница за патниците од долгите летови би можело да се зголеми тројно. Поради ова, Франција планира да ангажира дополнителни 230 гранични полицајци.

Системот ќе се воведува постепено во следните шест месеци, што значи дека нема сите премини да го користат веднаш, а до 10 април ќе постојат и двата система паралелно. Само Естонија, Луксембург и Чешка ќе го воведат целосно од утре. Германија ќе започне само на аеродромот во Дизелдорф, Италија во Рим и Милано, а Шпанија само со еден лет за Мадрид.

„Постепеното воведување на системот беше договорено токму за да се избегнат проблеми. Властите и патниците ќе се навикнуваат на системот чекор по чекор. Во случај на проблеми и прекумерна гужва, властите ќе можат привремено да го суспендираат системот, со цел да се избегне ова“, истакнува Асита Канко, известувач на Европскиот парламент за системот за влез и излез на EES.

На влез во Грција ќе има автомати за сите што не се од ЕУ – нови правила од 12 октомври

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот