Нови 57 случаи на ковид-19, починати четири лица
Минатата недела, од 9 до 15 септември Институтот за јавно здравје регистрира 57 нови случаи на ковид-19. Пријавени се четири починати лица – две во Скопје и по еден во Битола и Тетово, сите над 70-годишна возраст и невакцинирани.
Препорачано
Тестирани се вкупно 285 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на ковид-19, со намалување од 36,5 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 57 нови позитивни случаи, со намалување од 48,6 отсто во однос на минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во општините од осум градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, a највисока инциденца е регистрирана во Делчево. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години – информираат од ИЈЗ.
Во текот на минатата недела, пријавени се четири починати лица – од Скопје (2), Битола и Тетово. Сите починати лица се на возраст над 70 години. Тројца починале во болнички услови, а кај три лица се регистрирани коморбидитети. Сите лица се невакцинирани против ковид-19.
Во текот на 2024 година, а заклучно со 15 септември, во земјава се регистрирани вкупно 1.560 заболени и 20 починати лица асоцирани со ковид-19. Од појавата на првиот случај на ковид-19 на 26 февруари 2020 година пријавени се вкупно 351.876 заболени со ковид-19 и 9.999 починати лица.


