Оземпик / Фото: Jaap Arriens / Zuma Press / Profimedia

Нова таблета за слабеење поефикасна од оземпик? Резултатите од истражувањето изненадија

Нова орална таблета за слабеење би можела да стане сериозна алтернатива на популарните инјекциски терапии како оземпик, покажува најново клиничко истражување, а објави „Конверзејшн“.

Станува збор за лекот орфорглиптон, кој во студија што траела 52 недели се покажал поефикасен во намалување на шеќерот во крвта и телесната тежина во споредба со постоечките орални терапии базирани на семаглутид.

Во истражувањето учествувале 1.698 возрасни лица со дијабетес тип 2 од шест земји. Резултатите покажале дека кај пациентите кои го земале новиот лек, нивото на шеќер во крвта значително се намалило, додека истовремено изгубиле меѓу 6,1 и 8,2 килограми. Кај оние што користеле семаглутид, губењето тежина било просечно околу 5,3 килограми.

Досегашните лекови од оваа група функционираат така што го имитираат хормонот кој му сигнализира на мозокот чувство на ситост, го забавуваат варењето и го стимулираат лачењето инсулин. Ова ги прави особено ефикасни кај пациенти со дијабетес и прекумерна тежина.

Сепак, за разлика од популарните инјекции, новиот лек се зема во форма на таблети, што го прави поедноставен за употреба, особено за луѓе кои избегнуваат инјекции. Дополнително, не бара складирање во ладни услови, што може да биде значајна предност во земји со ограничена инфраструктура.

И покрај позитивните резултати, истражувањето покажало и одредени недостатоци. Кај околу 59 проценти од испитаниците се појавиле несакани ефекти како мачнина, повраќање и дијареја, што е повеќе во споредба со постоечките терапии. Поради тоа, околу 10 проценти од пациентите го прекинале третманот.

Иако овој лек сè уште е во фаза на дополнителни истражувања, експертите сметаат дека може да стане сериозен конкурент на постоечките терапии за слабеење и дијабетес. Сепак, останува да се види дали неговата ефикасност ќе биде доволна за да ги надмине предизвиците поврзани со несаканите ефекти и долгорочната употреба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот