Оземпик / Фото: Jaap Arriens / Zuma Press / Profimedia

Нова опасна причина зошто луѓето земаат „оземпик“, а нема врска со слабеењето и дијабетесот

Лековите од групата ГЛП-1, како „оземпик“ и „зепбаунд“, донесоа револуција во лекувањето на дијабетесот тип 2, но и на дебелината. Но, некои луѓе со АДХД кои ги земаат за други медицински состојби наведуваат неочекувана нуспојава: се чувствуваат посмирено и пофокусирано.

Иако на социјалните мрежи се шират приказни за тоа како овие лекови помагаат со продуктивноста и контролата на импулсите, лекарите предупредуваат дека нема научни докази за да се потврди нивната директна ефикасност во лекувањето на АДХД.

Како делуваат лековите ГЛП-1?

Агонистите на рецепторите на пептидот-1  сличен на глукагон (ГЛП-1) го имитираат цревниот хормон кој помага во контролата на апетитот и чувството на глад. Кога некоја личност го зема лекот, цревата му испраќаат на мозокот помалку сигнали за глад. Овие лекови исто така му помагаат на телото да го разгради шеќерот во крвта и да го забави преминувањето на храната низ желудникот.

Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) ги одобри и за лекување на апнеја при спиење и сериозни срцеви проблеми. Исто така, постојат рани истражувања кои сугерираат дека тие би можеле да помогнат во намалувањето на копнежот и компулсивното однесување, а во тек се студии кои ја испитуваат нивната употреба кај луѓето со зависност од алкохол, опиоиди и никотин.

Стишување на опсесивните мисли за храна

Една можна причина за пријавеното подобрување на симптомите на АДХД е ефектот што лековите ГЛП-1 го имаат врз непрестајните и опсесивни мисли за храна. Д-р Крег Сурман, вонреден професор по психијатрија на Харвард, објаснува дека слатката, мрсната и ултрапреработената храна ги стимулираат системите за наградување на мозокот, поради што копнееме по нив дури и кога не сме гладни.

Лековите ГЛП-1 можат да влијаат на овие центри за наградување и да го намалат копнежот.

– Можеби ГЛП-1 делува како слушалки што блокираат звуци. Намалува некои од факторите што попречуваат, бидејќи не сте толку фокусирани на сигналите за глад или желбата телото да ви изгледа поинаку. Но, тоа е многу индивидуално – рекол Сурман, објави „Њузвик“.

Една жена, на која ѝ бил дијагностициран АДХД пред 12 години, раскажала дека дури откако почнала да го зема „оземпик“ пред пет години, изчезнале нејзините постојани мисли за храна, а заедно со  нив и некои симптоми на АДХД, кои се враќале веднаш штом направи пауза од лекот.

Што велат студиите?

Врската помеѓу лековите ГЛП-1 и АДХД може да лежи во допаминот, мозочна хемикалија која обезбедува чувство на задоволство и која функционира различно кај луѓето со АДХД. Некои истражувања сугерираат дека лековите ГЛП-1 можат да го променат начинот на кој се ослободува допаминот и да влијаат на деловите од мозокот кои помагаат во контролата на импулсите и регулирањето на емоциите.

Д-р Дејвид Гудман, доцент по психијатрија на Универзитетот Џон Хопкинс, додал дека, според сегашните сознанија, нема ГЛП-1 рецептори во деловите од мозокот одговорни за вниманието и извршните функции – клучни проблеми кај АДХД. Ова значи дека овие лекови веројатно нема да бидат самостојна терапија, иако можат да помогнат со импулсивноста.

Ризици и мерки на претпазливост

Комбинирањето на лекови ГЛП-1 и стимулансот за АДХД носи ризици. Бидејќи двата вида лекови можат да го намалат апетитот, постои ризик од прекумерно губење на тежината или пренизок шеќер во крвта. Вообичаените нуспојави на лековите ГЛП-1 вклучуваат пречки во варењето, главоболки и вртоглавица. Иако тие не треба да влијаат на дејството од лековите за АДХД, клучно е да се земаат под лекарски надзор и со правилна исхрана и вежбање.

Сурман забележува дека луѓето со АДХД честопати потешко се држат до независни задачи како што се планирање на оброци и вежбање, и препорачува да се најде некој што ќе ги поддржува.

– Знаеме дека мозокот функционира подобро кога е нахранет и одморен и кога телото се движи и вежба. Се надевам дека можноста што ја даваат лековите ГЛП-1 не е само да се промени еден аспект на личноста, туку да се поттикне поздрав начин на живот за мозокот – заклучил Сурман.

Иако постојат анегдотални докази и некои теоретски објаснувања зошто лековите ГЛП-1 можат да ублажат некои симптоми на АДХД, како што е намалувањето на опсесивните мисли за храна, нема доволно истражувања за да се потврдат нивните директни ефекти врз вниманието или извршните функции.

Лекарите се согласуваат дека овие лекови не треба да ги заменат докажаните терапии за АДХД. Ако размислувате за тоа како лековите ГЛП-1 можат да влијаат на вашите симптоми, клучно е да разговарате со вашиот лекар кој може да ви помогне да развиете соодветен план за лекување.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот