Нова кривична пријава против ексградоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево Фатмир Дехари за „злоупотреба на службената положба и овластување“, како и против двајца вработени во општината за „несовесно работење во службата“, односно „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ и против едно правно лице.
Препорачано
„На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево. Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик“ соопшти МВР.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.


