Фатмир Дехари Фото: Фејсбук Ахмети

Наводните бакнежи на Дехари предизвикаа гадење

Одговорност од Дехари побараа ВМРО-ДПМНЕ и Вреди и повикаа скандалот да го истражи Обвинителството, а истото го побара и ДУИ, за кои снимките се продукт на подземни механизми и лаборатории

Молк од актуелниот градоначалник на Кичево и кандидат за четврти мандат Фатмир Дехари дали ќе ја повлече кандидатурата, откако на социјалните мрежи беа споделени снимки во кои се слуша дека тој сексуално злоставува вработени во Општината. Дехари не ни одговори на нашето прашање дали снимките се веродостојни, ниту дали ќе поднесе оставка од функцијата и дали ќе ја повлече кандидатурата за градоначалник.
Компромитирачките снимки беа пуштени вчера, во исто време додека Националната алијанса за интеграција, предводена од ДУИ, одржуваше митинг во Кичево за номинацијата на Дехари за нов градоначалнички мандат. Снимките сугерираат дека Дехари е во врска со вработена во Општината и дека ѝ вели да му седне во скутот, а се слуша нешто како бакнеж.

Реакции и одговорност од Дехари побараа ВМРО-ДПМНЕ и Вреди и повикаа скандалот да го истражат Обвинителството и Државната комисија за антидискриминација.

– Од аудиоснимките се слуша како жените вработени во Општина Кичево се принудувани да го бакнуваат градоначалникот Дехари и со големо гадење да кажат дека му седнуваат в скут. Ова е скандал и изживување врз цел еден колектив и сите жени. Дехари малку отповеќе се има заиграно со политиката и со градоначалничката позиција, но тоа не значи дека ова треба да се премолчи и да се толерира. Дехари мора да си поднесе неотповиклива оставка и да се повлече од политиката – рече Емилија Ангелова, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

Емилија Ангелова Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Таа додаде дека Дехари е срам за секое семејство што воспитува ќерки со почит, труд и достоинство.

-Од аудио снимките се слуша како жените вработени во општина Кичево се принудувани да го бакнуваат градоначалникот Дехари, и со големо гадење да кажат дека му седнуваат в скут. Ова е скандал и изживување врз цел еден колектив и сите жени. Дехари малку од повеќе се има заиграно со политиката и со градоначалничката позиција, но тоа не значи дека ова треба да се премолчи и да се толерира. Дехари мора да си поднесе неотповиклива оставка и да се повлече од политиката – вели Ангелова.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали ќе реагираат жените од ДУИ, дали Комисијата за антидискриминација ќе отвори случај за полов дискриминирачки однос и дали лидерот на ДУИ Али Ахмети ќе го толерира Дехари кој се изживува со жените вработени во општината?

Од Вреди велат дека со загриженост го следи скандалот што ја потресе јавноста во Кичево и пошироко.

Vlen / Vredi

– Кандидатот на Националната алијанса за интеграција е во ситуации што го деградираат имиџот на институцијата и јавниот морал. Ова е само одраз на политичката култура што 20 години ја задушува одговорноста. Не се радуваме на ничиј срам, но имаме обврска јасно да кажеме дека Кичево заслужува подобро – велат од Вреди.

И додека Дехари молчи за ДУИ компромитирачките снимки се продукт на подземни механизми и лабаратории. Според партијата, од суштинско значење е да се утврди автентичноста на аудиоматеријалот. Од ДУИ велат дека секој коментар е шпекулација и потенцијално штетен пред релевантните институции и експертите да ја утврдат веродостојноста на снимката.

-Добро го знаеме ова сценарио. Кога не можат да смислат идеи, кога немаат проект, измислуваат скандали, монтираат разговори, измислуваат „факти“, и ги дистрибуираат со единствена цел – граѓаните да ја изгубат вербата во политиката и да остане дома на денот на гласањето. Но нашите граѓани се мудри, знаат да разликуваат пропаганда од реалност. Ќе продолжиме спокојно, достоинствено и убедени дека иднината на Кичево не се гради со клевета, туку со работа, посветеност и почит кон секој граѓанин, без оглед на етничката припадност. Да го заштитиме Кичево од гнасотијата на старата политика. Да кажеме „не“ на манипулациите и „да“ за достоинството, соживотот и развојот кој му припаѓа на овој град – велат од ДУИ.

Додека аудио снимките се ширеа на социјалните мрежи, Ахмети од митингот во Кичево, на кој повторно се скандираше УЧК, порача дека „Ускана“ е на нозе – гласот на достоинството и на единството.

Али Ахмети, Фатмир Дехари митинг Кичево Фото: Фејсбук Ахмети

-Вечерва Ускана зборуваше со еден глас, со глас на достоинство, гордост и доверба во нашиот национален пат. Овој голем митинг е доказ дека идеалот кој не спои во најтешките години денес е посилен од кога било. Нашиот народ не се откажува и не ги заборава корените од кои започна нашето патување за еднаквост, правда и достоинство. На 19 октомври, како едно тело, ќе одлучиме за нашата судбина. Ништо полошо не му се случило на Кичево, на Македонија и на рамноправноста на Албанците, од тоа кога некои таканаречени националисти го фрлија она што е освоено со крв. Нека лаат колку сакаат, ние ќе го поседуваме она што е наше. Не се откажуваме од нашето легитимно право и на 19 октомври, вие, народот, ќе им ја испорачате сметката затоа што го јаваа коњот наопаку – рече Ахмети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот