Нова колекција на Ирина Тошева: „Џан“ – кога облековната историја оживува и шепоти низ современите силуети

Колекцијата „Џан“ на дизајнерката Ирина Тошева претставува современа интерпретација на ала турка – традиционална ориентална облека од XIX век носена во Македонија. Инспирирана од богатите силуети, рачната изработка и украсните детали како срма, гајтани и фини ткаенини, Тошева ја претвора оваа естетика во современ, одржлив моден јазик. Колекцијата ја истражува облековната историја на регионот, но истовремено ја реосмислува преку дигитални кроеви без отпад, еколошки материјали и соработка со локални занаетчии.

„Џан“ ја третира традицијата како жив, динамичен организам, наследство што не се архивира, туку се оживува и адаптира за денешниот свет. Преку модерни силуети, рачна изработка, плетење и ткаење со неконвенционални материјали, колекцијата создава мост меѓу минатото и иднината, истовремено нагласувајќи ја улогата на занаетите во современата мода и важноста на одржливиот пристап.

Фото: Ѓорѓи Ристоски

Деталите за глава беа изработени од пренаменета градинарска жица, чија грубост беше претворена во нежни, скулптурални форми од Елена Ристовска, вклучувајќи и корсет што визуелно го надградува концептот на трансформација. Ткаените појаси, значаен елемент во традиционалната ала турка облека, беа прикажани како современи појаси и уникатен топ, создадени во соработка со единственото ткајачко студио во земјава, „Народни носии“. Везот е рачно изработен со свилен конец од жените, дел од работилницата во КПУ „Идризово“.

Фото: Ѓорѓи Ристоски

Презентацијата понуди поинакво, продлабочено доживување на модата преку спојот со хорска музика во живо. Женскиот младински хор на МКЦ ја изведе песната „Тишина“ од Тони Зен, чиј стих „лесно е да направиш галама, да те видам направи тишина“, создаде силен драматуршки момент. Пастелните тонови на колекцијата, нежната енергија на манекенките и атмосферата во просторот создадоа момент на колективна тишина и восхит. Шминката и фризурата беа дело на новата генерација стилисти, учениците од „Димитар Влахов“, под менторство на професорката Ферихан Махмуд-Кека.

Фото: Ѓорѓи Ристоски

Колекцијата „Џан“ е дел од проектите од национален интерес во културата за 2025 година, поддржани од Министерството за култура и туризам. Настанот беше реализиран со поддршка на Турскиот културен центар Јунус Емре – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот