Папата Лав XIV и нобеловката Марија Корина Мачадо/Фото: Икс

Нобеловката Мачадо го замоли папата Лав да ја притисне Венецуела за ослободување на политичките затвореници

Лидерката на венецуелската опозиција и добитничката на Нобелова награда, Марија Корина Мачадо, изјави дека го замолила папата Лав „да се заложи за сите Венецуелци кои сѐ уште се киднапирани и исчезнати“. Таа изјави и дека „победата над злото се приближува“.

Лидерката на венецуелската опозиција и добитничката на Нобелова награда, Марија Корина Мачадо, во понеделникот го замолила папата Лав во Ватикан да изврши притисок врз Каракас за ослободување на политичките затвореници, објави „Ројтерс“.

Мачадо во соопштение изјави дека го замолила папата Лав „да се заложи за сите Венецуелци кои сѐ уште се киднапирани и исчезнати“. Таа изјави и дека „победата над злото се приближува“.

„Денеска имав благослов и чест да се сретнам со Неговата Светост и да ја изразам мојата благодарност за неговата континуирана поддршка за настаните што се случуваат во нашата земја. Со поддршката на црквата и со невидениот притисок од САД, победата над злото се приближува. Исто така, на папата му ја пренесов силата на венецуелскиот народ, кој останува непоколеблив и се моли за слободата на Венецуела, и го замолив да се заложи за сите Венецуелци кои остануваат во затвор или се исчезнати,“ напиша Мачадо.

Мачадо се сретна и со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, кој беше папски нунциј во Венецуела од 2009 до 2013 година.

Ослободувањето на политичките затвореници тече бавно во Венецуела, каде што владата денеска објави ослободување на уште 116 затвореници, но семејствата губат надеж по ветувањата од страна на владата дадени минатиот четврток.

Според проценката на светските агенции, направена врз основа на податоци од невладини организации и опозицијата, досега се ослободени само околу педесет луѓе.

Папата Лав, првиот папа од САД, претходно повика Венецуела да остане независна земја, по апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на американските сили, по наредба на претседателот Доналд Трамп.

ВИДЕО | Трамп ќе се сретне со венецуелската лидерка Мачадо: Ќе ми биде голема чест да ја добијам Нобеловата награда за мир од неа

Во голем говор за надворешната политика одржан во петокот, папата ја осуди употребата на воена сила како средство за постигнување дипломатски цели и повика на заштита на човековите права во Венецуела.

Венецуелската влада во понеделникот соопшти дека биле ослободени 116 затвореници, иако организациите за човекови права пријавија помал број.

Ослободувањето на стотици политички затвореници во јужноамериканската земја е долгогодишно барање на организациите за човекови права, меѓународните институции и опозициските претставници.

Мачадо, поранешна пратеничка во Националното собрание, е една од најгласните фигури кои повикуваат на ослободување на затворениците. Таа беше спречена да учествува на општите избори во Венецуела во 2024 година од страна на властите блиски до Мадуро.

Нобеловката постојано изразува поддршка за интервенцијата на САД во Венецуела и за апсењето на Мадуро.

Инаку, се очекува средба меѓу претседателот Доналд Трамп и Мачадо, а Трамп најави дека ќе се сретне со лидерката на венецуелската опозиција в четврток, соопшти во понеделникoт официјален претставник на Белата куќа.

Се огласи Нобеловиот комитет за предлогот на Венецуелката да му ја отстапи наградата на Трамп

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот