Ниту некој се грижи, ниту казнува: Возилата ги искршија плочките кај Порта Македонија, просторот претворен во паркинг

Тотално безредие во епицентарот на македонската престолнина

Само три години беа потребни за со негрижа да се уништи она во кое беше вложена значителна сума пари од градскиот буџет – плочникот што води од Порта Македонија кон градскиот плоштад. Сега плочките се испокршени затоа што, и покрај тоа што во делот на Портата беа поставени хидраулични столпчиња за да се спречи влез на возила кон плоштадот, тука непречено се движат автомобили и се паркираат од двете страни на улицата што би требало да е пешачка зона.

Овој дел е забранет за паркирање, затоа што ниту има исцртани места за таа намена, освен пред објектот на ЕСМ, ниту табла за наплата на паркирањето. Па така, низ Портата се провира кој како сака, од доставувачи на стока, до граѓани кои тргнале во некое од кафулињата или рестораните околу плоштадот. Што е најчудно, токму во близина на овој објект многу често има полиција, но нив изгледа не ги интересира што се случува на просторот, па не казнуваат. Едноставно никој не се грижи за она што е јавно добро, да се сочува, да потрае.

Реконструкцијата на овој дел од плочникот се изведуваше заедно со реконструкцијата на просторот пред ГТЦ, во мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов. За овој проект беа потрошени околу 33 милиони денари, односно повеќе од половина милион евра од градскиот буџет. Наместо стариот, искривен и полн со дупки асфалт целиот потег, на двата приоди кон плоштадот, беше поплочен со три вида плочки, на површина од околу 5000 метри квадратни. Беа засадени и дрвореди од костени, поставени клупи и соодветно осветлување.

Ова е еден од најзапуштените простори во централното градско подрачје, а во наредниот период ќе се одвиваат градежни активности што ќе значат целосно осовременување и целосен нов лик – рече пред три години Шилегов на почетокот на реконструкцијата.

Според него, овој дел заедно со зелениот покрив на ГТЦ требаше да формираат убава целина која ќе привлекува многу повеќе минувачи и повеќе потрошувачи во угостителските и во трговските објекти во центарот на главниот град.

Сега, три години подоцна очајно изгледа просторот кај Портата, а очигледно тоа им е најмала грижа на оние кои се надлежни за овој дел од градот, а тоа е Град Скопје. Како дополнение на грдата слика од едната страна е зградата на „Пелагонија“, со излупената и никогаш ненаправена фасада, која така е оставена веќе осум години, а од другата зградата на ЕСМ, која годинава ќе „слави“ десетгодишнина како започна да се реконструира и до денес не е завршена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот