Никој не сака да биде во близина на зависници од дрога. Дали висат во воздух дисперзираните центри за зависници? – Слободен печат
ВестиСкопје

Никој не сака да биде во близина на зависници од дрога. Дали висат во воздух дисперзираните центри за зависници?

Стравот на населението, да бидат во близина на зависници од дрога, кои примаат редовна терапија е разбирлив, но потполно неоправдан, ако се земе во предвид дека со намалувањето на бројот на пациенти на едно место, се намалува и опасноста од евентуални проблеми

 

Поликлиниките во Аеродром и Ченто, психијатриската болница Бардовци, Градската општа болница „8ми Септември“, Клиниката за токсикологија и постоечкиот центар за зависници во Кисела Вода ќе бидат шесте пунктови на кои зависниците од дрога ќе можат да ја земаат редовната метадонска терапија. По десетгодишни консултации и обиди за изнаоѓање соодветно решение на проблемот со зависниците, ова е конечна одлука на Министерството за здравство.

Здружението ХОПС-опции за здрав живот, кое беше и иницијатор за дисперзија на центарот за зависности ја поддржува оваа одлука, но истата наиде на револт и несогласување од страна на граѓаните, кои не ги сакаат во нивна близина зависниците од дрога.

И додека едните стојат на ставот дека пристапот до лекување на зависности блиску до местото на живеење е право, а не привилегија, исто како и за секоја друга здравствена состојба, другите стравуваат за својата безбедност, и бараат вакви центри да се отворат во најдалечните делови од градот, каде што пациентите нема да имаат контакт со населението. Но, тука, се појавува проблемот со пристапноста, на која што според добро упатените мора да се внимава, односно, терапијата на зависниците мора да им биде на дофат, блиску до местото на живеење. Дали одлуката ќе остане конечна и од кога ќе започнат да функционираат дисперзираните центри за зависници, денеска на заедничка средба ќе одлучат министерот за здравство, Венко Филипче, градоначалниците на скопските општини и претставниците од невладиниот сектор.

 

Стравот е неоправдан

„Базирано на нашето 20 годишно искуство и добрите примери од други земји, долго време препорачувавме дека дисперзија на лекувањето во секоја скопска општина најдобро ќе одговори на потребите на клиентите“, вели за Слободен печат извршниот директор на ХОПС, Ивица Цековски. Според него стравот на населението, да бидат во близина на зависници од дрога, кои примаат редовна терапија е разбирлив, но потполно неоправдан, ако се земе во предвид дека со намалувањето на бројот на пациенти на едно место, се намалува и опасноста од евентуални проблеми.

Доказ за тоа е и пунктот во рамки на Градската општа болница „8 Септември“, каде и до сега се даваше здравствена заштита на овие лица, а при тоа не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир кај локалното население.

Во центарот за зависници во Кисела Вода во моментов се лекуваат петстотини пациенти, а граѓаните од општината во неколку наврати преку организирање мирен протест бараа да се дислоцира центарот. Мирен протест пред два месеца одржаа и жителите на Гази Баба, кога беше соопштено дека постои можност центарот да се дислоцира во просториите на поранешната фабрика Металски Завод- Тито. Засега единствено мирни се карпошани.

„Општина Карпош е со јасен став дека ќе го почитува правото на секој граѓанин да добие соодветна здравствена заштита, доколку притоа не се нарушува сигурноста и здравјето на останатите граѓани“, велат од општина општината, и дополнуваат дека до општината се уште нема пристигнато поплаки, ниту било какви рекции од граѓаните.

 

На зависниците им треба и психосоцијална заштита, а не само фармаколошки третман

Според Министерството за здравство, со оваа одлука се решава децениски проблем, но третманот на пациентите не смее да заврши само со фармаколошка терапија, смета директорот на ХОПС.

„Ресоцијализацијата и рехабилитацијата на зависниците задолжително треба да бидат составен дел од лекувањето. Третирањето на пациентите никако не смее да заврши само со фармаколошка терапија“, дециден е извршниот директор на ХОПС, Ивица Цековски. Но, за тоа потребно е проширување на кадарот кој работи со овие пациенти, проблем кој се провлекува со години, бидејќи, како што вели, се помал е бројот на доктори кои сакаат да работат на оваа проблематика.

Очекувањата од дисперзирањето на Центарот за зависници се, целиот процес на лекување дополнително да се контролира со вклученост на повеќе стручни, медицински лица, сектори при министерствата и граѓанските организации кои работат на ова поле.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Еден коментар

  1. Razbirlivo deka graganite se bunat za ovaa disperzija, bidejki i problemot so i okolu centarot za zavisnici od K. Voda ke se dizprzira niz drugite naselbi.
    Vo Aerodrom polikinikata se naoga pomegu detska gradinka, osnovno uciliste i novi 100 zgradi, a vo poliklinikata site deca od osnovnite ucilista vo opstinata odat na sistematski pregledi i sekojdnevno lekuvanje.

    Pa so koj pamet se otvara centar vo opstina Aerodrom????? Vo opstina so najmnogu deca!!!!

    Zasto postoi Klinicki Centar, ako ne da gi sober i lekuva site zavisnici?
    Barem malku razum luge!!!
    Pozdarv

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close