Нездрава навика што може речиси двојно да го зголеми ризикот од запек
Стресот и доцното јадење можат сериозно да влијаат врз здравјето на цревата, а нивната комбинација речиси двојно го зголемува ризикот од запек и други дигестивни проблеми, покажува ново истражување презентирано на „Дајџестив дизиз вик 2026“.
Препорачано
Научниците анализирале податоци од повеќе од 11.000 возрасни лица и откриле дека луѓето кои живеат под хроничен стрес и внесуваат повеќе од четвртина од дневните калории по 21 часот имаат значително поголем ризик од проблеми со варењето.
Истражувањето покажало дека овие лица биле 1,7 пати посклони кон запек или дијареја во споредба со луѓето кои не јаделе доцна и имале пониско ниво на стрес.
Во дополнителна анализа, научниците откриле и дека комбинацијата од стрес и доцно јадење е поврзана со помала разновидност на цревниот микробиом – важен показател за здравјето на дигестивниот систем.
„Не е важно само што јадете, туку и кога јадете. Кога сме под стрес, доцните оброци можат да создадат двоен удар врз здравјето на цревата“, изјавила д-р Харика Дадигири, авторка на истражувањето.
Експертите објаснуваат дека стресот одамна е поврзан со нарушувања во работата на цревата, а претходни студии веќе покажале дека јадењето доцна навечер може да предизвика дигестивни тегоби.
Според научниците, проблемот не е само во самиот оброк, туку и во нарушувањето на природниот биолошки ритам на телото.
Иако истражувањето сè уште не е официјално рецензирано, резултатите се совпаѓаат со претходни студии што покажале поврзаност меѓу доцното јадење, стресот и проблемите со варењето.
Лекарите советуваат луѓето, особено во периоди на стрес, да се обидат последниот оброк да го завршат неколку часа пред спиење и да воспостават поредовен ритам на исхрана.
Дополнително, се препорачува внесување повеќе растителни влакна, овошје, зеленчук, јаткасти плодови и доволно течности, бидејќи тие помагаат во одржување на здрав цревен микробиом.
Стручњаците потсетуваат и дека мали навики како кратка прошетка, доволно сон и техники за намалување на стресот можат значително да придонесат за подобро дигестивно здравје.


