Нетанјаху го обвинува австралискиот премиер: Го предадовте Израел!
Израелскиот премиер го обвини својот австралиски колега за „предавство на Израел“ и „напуштање“ на еврејската заедница во Австралија, по деновите на сè позатегнати односи меѓу двете земји.
Препорачано
Бенјамин Нетанјаху изјави дека историјата ќе го памети Ентони Албанезе „за тоа што е: слаб политичар“.
Изјавата следува откако Австралија во понеделник му забрани влез на крајно десничарски член на владејачката коалиција на Нетанјаху, поништувајќи му ја визата пред планираната посета, објави „Тајмс оф Израел“, според Би-Би-Си.
Како одговор, Израел ги поништи визите за австралиските претставници во Палестинската самоуправа и дополнително ја критикуваше одлуката на Канбера минатата недела да ја признае палестинската држава во септември.
Премиерот Албанезе не одговори веднаш на овие обвинувања.
Од друга страна, израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид ги критикуваше изјавите на Нетанјаху, опишувајќи ги како „подарок“ за австралискиот премиер.
На социјалната мрежа Икс напиша:
„Она што денес најмногу го зајакнува лидерот во демократскиот свет е конфликтот со Нетанјаху, најтоксичниот политичар на Западот. Не е јасно зошто Биби толку брза да му го подари овој подарок на австралискиот премиер.“


