После поразот на Лече на гостувањето кај Болоња (3:2), екипата на Удинезе и математички го обезбеди своето место во најсилното италијанско првенство и следната сезона.
Денеска во рамките од 36 коло составот од Удине забележа нова победа во Серија А над Каљари со резултат 0:1. Стрелец на единствениот гол беше Окака во третата минута од средбата кој убаво се снајде во казнетиот простор и ја испрати топката во мрежата на Крањо.
Во 68 минута токму Окака беше заменет од македонскиот репрезентативец Илија Несторовски кој овојпат не се запиша во листата на стрелците.
Со овие три бода се зацврстија играчите на тренерот Готи на 13 место со 42 бодови и до крајот на сезоната имаат уште два меча, против Лече (дома) и Сасуоло (гости).
Поразот на Лече беше добра вест и за Џенова на нашиот Горан Пандев кои исто така се борат за опстанок во елитата. На две кола до крајот на сезоната Џенова е на засега безбедното 17 место со 36 бодови, четири повеќе од Лече кој е во опасната зона за испаѓање. Џенова според календарот прво гостува кај Сасуоло, а на крајот е домаќин на Верона.
Во останатите денешни средби од неделната програма: Рома-Фиорентина 2:1, Спал-Торино 1:1 и Верона-Лацио 1:5.
Вечерва треба да се одигра уште еден дуел, Јувентус (21.45 часот) со триумф на свој терен против Сампдорија и официјално ќе ја одбрани титулата. „Старата дама“ моментно има 80 бодови, на втората позиција е Интер (76), следуваат Аталанта и Лацио со по 75.