Нема веќе одење во Царина за потврди за царински долг, Централен регистар со еден клик ги гледа електронски
Претходно, Царинската управа и Централниот регистар договорија дигитална размена на податоци за царински долг, со што хартиените потврди што се потребни за упис и промени на правниот субјект наскоро стануваат минато
Хартиените потврди за царински долг, кои беа потребни за упис и промени на правни субјекти во Централниот регистар, одат во историјата. Од сега, Централниот регистар директно и електронски добива податоци од Царинската управа во реално време, што значително ја поедноставува процедурата и штеди време и ресурси за фирмите и граѓаните. Исто така, овој систем ја гарантира безбедноста, интегритетот и точноста на податоците, со што се намалува ризикот од можни измами, нагласија на заедничката прес-конференција директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и директорката на Централен регистар, Анита Стамнова.
Препорачано
До сега, на годишно ниво се издаваа просечно од седум до девет илјади хартиени потврди за царински долг, што значеше обработка од пет до десет дена за секое барање. Граѓаните мораа лично да доаѓаат во Централната управа во Скопје или да ангажираат адвокати за да ги завршат овие процедури, што претставуваше дополнителен административен товар.
-Со овој чекор јасно покажуваме заложби за создавање подобри услови за водење бизнис, преку намалување на бирократските процедури и зголемување на ефикасноста на администрацијата. Бизнисот нема време за чекање, а ние како институции сме должни да покажеме напори за создавање одржливо општество во кое економскиот раст ќе биде движен од зголемена ефикасност и доверба во системот – истакна Николовски.
Директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, додаде дека е завршена првата фаза од проектот за надградба на Едношалтерскиот систем, со што доказите за платени царински давачки се добиваат автоматски по службена должност при упис на промени, како пренос на удел. Стамнова откри дека приближно 80.000 компании се активни во земјава, а за 40 отсто е зголемен бројот на оние што електронски поднесуваат сметки.
– Имаме зголемување на бројот на отворени, наспроти затворени компании. Евидентен е интересот кај бизнисот за дигитализирано, електронско работење – истакна директорката.
Претходно, Царинската управа и Централниот регистар договорија дигитална размена на податоци за царински долг, со што хартиените потврди што се потребни за упис и промени на правниот субјект наскоро стануваат минато.
– Намалувањето на бирократските процедури и зголемувањето на ефикасноста на администрацијата преку поедноставување и забрзување на постапките е едно од нашите ветувања пред јавноста. Ова е само еден од чекорите што ги преземаме во таа насока. Годишно досега се издаваа од седум до девет илјади потврди во хартиена форма, за што фирмите и граѓаните чекаа и по неколку денови. Во изминатите месеци, заедно со Централниот регистар интензивно работевме на дигитално поврзување на системите. Од почетокот на ноември, потврдите за царински долг Централниот регистар ќе ги добива автоматски, преку системот за интероперабилност, со само еден клик од Царинската управа – вели директорот Бобан Николовски.


