Нема предвремен распуст поради загадувањето – училиштата ќе работат редовно
Учениците во Македонија ќе продолжат со редовна настава до крајот на месецот, а потоа заминуваат на зимски распуст. Министерството за образование и наука (МОН) не планира предвремено завршување на првото полугодие, и покрај загадувањето на воздухот.
Препорачано
Министерката Весна Јаневска истакна дека во моментов нема информации дека здравјето на учениците е загрозено и дека отсуствата од ден-два поради здравствени причини не претставуваат проблем. Таа додаде дека треба да се напушти негативната појава од минатото кога од различни причини се скратувале учебните денови.
– Доколку здравјето им е во прашање, лекарите и родителите ќе одлучат, но ако нема сериозен проблем, не е штетно да отсуствуваат ден-два. Би било проблем ако се скратуваат учебните денови без оправдана причина – рече Јаневска.
Таа додаде дека во некои европски земји децата и кога имаат грип, и во градинки и на училиште, одат на настава сè додека нивното здравје не е загрозено.
– Ова го велам заради коментарите дека нашите деца многу учат и се оптоварени. Не, не се. Доколку здравјето им е во прашање, секако лекарите и родителите ќе одлучат за тоа, но доколку не е ништо сериозно, сметам дека и да отсуствуваат ден-два не е проблем. А би било проблем, како што во минатото се случуваше, да ги скратуваме учебните денови, учениците да отсуствуваат затоа што родителите ги носат на поевтин одмор, за да се подготват за писмена итн. Овие негативни појави полека ќе треба да почнеме да ги отстрануваме. Но, секогаш ќе одлучуваме во корист на нивното здравје. Во овој момент немаме информации дека нивното здравје е загрозено – рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Економскиот факултет на УКИМ.


