Елена Петрова - директорка на УЈП / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Нема доказ – има данок: УЈП проверува дали 257 наши работници од Авганистан таму платиле данок

Оданочувањето на доходот од странство не е нова обврска – се спроведува постојниот закон со можност за доброволно усогласување

Управата за јавни приходи побарала проверка од странски администрации преку Министерството за надворешни работи за 257 лица кои биле на привремена работа во Авганистан и Ирак, кои тврделе дека веќе имаат платено данок за своите приходи. Досега стигнат е одговор само за едно лице и тој е негативен, односно нема потврда дека платил данок во земјата во која работел. Во однос на студентите што работеле во странство преку програмата „Ворк енд травел“, УЈП селектирала 134 млади лица родени после 2000 година кои работеле во Германија и имаат неоданочени приходи. Сите тие ќе мора да платат данок. Студентите се оданочуваат за 2025 година, а работниците ретроактивно за 2020 година. Директорката на УЈП, Елена Петрова, рече дека оданочувањето на доходот од странство не е нова обврска, се спроведува постојниот закон со можност за доброволно усогласување.

-Обврската за пријавување на доход од странство постои континуирано. Она што се менува е начинот на обработка и користење на податоците што ги добиваме од банките, кои сега системски се анализираат и се вкрстуваат. Во изминатиот период не постоела системска обработка на овие податоци добиени од банките, кои иако биле законски доставувани, не биле искористени за целите на оданочување. Ова е реалност, која денес ја коригираме. Како одговорна институција, имаме обврска податоците што ги добиваме да ги ставиме во функција на правично и законито оданочување – вели Петрова.

Се даночи заработеното во странство

За ангажманите на граѓани во странски мисии во Авганистан и Ирак и работата на студенти преку програми во странство, Петрова вели дека за дел од лицата ангажирани во странски мисии во 2020 година побарале докази преку МНР.

– По нивното тврдење дека платиле данок во странство, но поради временска дистанца не можат да обезбедат докази, УЈП излезе во пресрет и веќе е побарана проверка од странски администрации преку Министерството за надворешни работи за 257 лица. Во однос на студентите, според податоците од банките, УЈП селектираше 134 млади, родени после 2.000 година со кои се организирани директни средби за појаснување на обврските и можностите за плаќање – вели Петрова.

Таа објаснува дека во втората половина на 2024 година започнала обработката на податоците за приливи од странство, со нивно прочистување и вкрстување со поднесените даночни пријави.

-За 2020 година беа испратени 11.527 известувања до физички лица кај кои беше утврдено дека имаат приливи од странство кои според ознаките претставуваат оданочлив доход. По овие активности, 2.276 лица доброволно поднесоа пресметки, додека за 3.637 лица УЈП утврди аконтативна даночна обврска по службена должност. Во исто време, кај 5.614 лица беше утврдено дека станува збор за неоданочливи приливи, како што се приватни трансфери. Вкупно утврдениот данок за 2020 год. изнесува 171,6 милиони денари, од кои досега се наплатени 30,4 милиони денари – вели Петрова.

Од странство легнале 577 милиони евра

Постапката за ова оданочување ќе продолжи со изготвување коригирани годишни даночни пријави за 2020 година. Според податоците на банките, во 2025 година 70.869 граѓани примиле приливи од странство во вкупен износ од 577 милиони евра. Досега се испратени 9.522 известувања, а 4.459 лица доброволно поднеле пресметки за остврен оданочлив доход.

– Како одговорна инстутуција, пристапот што го применувме не е репресивен, туку постепен. Не започнавме со казни или присилна наплата. Прво испративме известувања, организиравме средби и дадовме можност за доброволно усогласување – вели Петрова.

Појаснува дека данокот може да се плати на 36 рати и вели дека се свесни дека дел од граѓаните се соочуваат со обврски кои не ги планирале, поради недоволна информираност и поради неспроведени процеси во УЈП во минатото.

-Не станува збор за воведување оданочување на посебни категории граѓани, туку за примена на закон кој важи за сите граѓани. Законот предвидува можност и обврска на УЈП за проверка на пријавените даноци во законски рок. Нашиот пристап не е репресивен, прво информираме и даваме можност за доброволно усогласување. Целта не е наплата на данок по секоја цена, туку обезбедување еднаков третман за сите и градење правичен даночен систем – вели Петрова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот