Габриел Гарсија Маркес / Фото: Profimedia

Нè напушти на денешен ден – Животната приказна на Габриел Гарсија Маркес, кој беше вистински виртуоз на имагинацијата

Габриел Гарсија Маркес беше волшебник на зборот и виртуоз на имагинацијата. Пишуваше за вечната љубов, осаменоста, злото и луѓето. Невозможното го правеше возможно, а измисленото – реалност. За животот велеше дека е како приказна,  која не е важно колку е долга, туку колку е добра. Неговиот живот беше и долг и добар, но како и секоја приказна, имаше свој крај.

На 17 април 2014 година, светот се прости од Габо, човекот што го измисли Макондо и го направи дел од светската книжевна мапа.

Роден на 6 март 1927 година во колумбискиот град Аракатака, Маркес детството го поминува кај дедото и бабата. Токму таму, меѓу приказните на баба му и животните лекции на дедо му, се раѓа неговиот уникатен книжевен свет. Дедото, полковник и либерал, му ја приближува историјата и реалноста, додека бабата му го отвора светот на магичното, на претчувствата и натприродното – основата на она што подоцна ќе стане магичен реализам.

Во куќата полна со духови, знаци и приказни, младиот Габо учи дека фантастичното може да биде исто толку вистинито како и реалноста. Тој свет подоцна ќе оживее во неговото најпознато дело „Сто години самотија“.

Љубовта, пак, ја наследува од родителите – приказна полна со отпор, упорност и страст. Нивната врска, и покрај противењето на семејството, опстанува, а токму таа приказна ќе стане инспирација за романот „Љубов во време на колера“.

Иако по желба на татко му започнува да студира право, Маркес брзо сфаќа дека неговата вистинска страст се книжевноста и новинарството. Работи како новинар, пишува ангажирано и либерално, и постепено го гради својот стил, инспириран од автори како Ернест Хемингвеј, Џејмс Џојс, Вирџинија Вулф и Вилијам Фокнер.

Габриел Гарсија Маркес / Фото: Profimedia

Пресвртниот момент доаѓа ненадејно – на пат кон Акапулко, кога идејата за роман го „удира“. Се враќа дома, го продава автомобилот и со месеци пишува. Во 1967 година се раѓа „Сто години самотија“, книга што ќе стане глобален феномен, со милионски тираж и огромно влијание врз светската книжевност.

Со ова дело не само што го освојува светот, туку и го дефинира правецот магичен реализам, каде што фантастичното и реалното постојат рамо до рамо.

Во 1982 година ја добива Нобеловата награда за литература, како признание за неговото уникатно творештво. Но, неговиот живот не бил само литература. Бил длабоко вклучен и во политиката, со јасни левичарски ставови и пријателства со лидери како Фидел Кастро, што предизвикува бројни контроверзии.

Неговите книги не секогаш биле прифатени без отпор – некои биле забранувани, други дури и јавно палени. Но, тоа не го спречува да продолжи да пишува. Следуваат дела како Есента на патријархот и Хроника на една најавена смрт, кои дополнително го зацврстуваат неговиот статус.

Во 1999 година му е дијагностициран рак, но продолжува да пишува. Подоцна се соочува и со деменција, а последните години од животот ги поминува повлечено.

Почина на 87-годишна возраст во Мексико Сити, оставајќи зад себе богатство од приказни што засекогаш ќе останат дел од светската култура.

И како што самиот рече: „Она што поминало, веќе не постои; она што ќе дојде, сè уште не е тука. Постои само една точка каде што се среќаваат минатото и иднината. Во таа точка е целиот твој живот. Искористи ја.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот