Не можете за заспиете? „Пензионерските“ хобија ќе ви помогнат да се опуштите
Во последно време сè попопуларни стануваат активности што често се нарекуваат „пензионерски“ хобија, како хеклање, градинарство, плетење, изработка на гоблени, печење колачи, па дури и набљудување птици. Некои дури и ЛЕГО-сетови за возрасни ги сметаат за „бапско хоби“, бидејќи редењето коцки создава слично чувство на опуштеност како плетењето. Стручњаците велат дека постојат многу причини зошто вреди да се занимавате со вакви активности, пишува „Живим“.
Препорачано
Кога луѓето се посветуваат на хоби, често во него наоѓаат бегство од секојдневниот стрес, создавајќи смирувачки простор каде можат да се релаксираат и да ги „наполнат батериите“. Со усовршување на вештините расте и самодовербата, а ако хобито претставува предизвик, го поттикнува когнитивниот развој и способноста за решавање проблеми. Дополнително, заедничките интереси водат кон значајни социјални контакти и чувство на припадност.
Учењето ново хоби го стимулира мозокот
Особено се корисни хобијата што ги поврзуваат умот и телото. Тие го активираат мозокот на различни начини, создавајќи нови модели на размислување и когнитивни процеси. Истражувањата покажуваат дека учењето нови вештини – како свирење инструмент или учење јазик – го подобрува паметењето и когнитивните функции.
Овој процес ја поттикнува невропластичноста – способноста на мозокот да се реорганизира и да создава нови врски. Хобијата се поврзуваат и со намален ризик од деменција и когнитивен пад, особено кај постарите лица.
Плетењето, на пример, може да помогне во подобрување на концентрацијата и вниманието, а многумина тврдат дека им помага да ги обработат мислите и да решаваат проблеми.
Терапевтски ефект
Одредени хобија имаат и терапевтска улога. Техники како ЕМДР, кои користат двострани движења за стимулирање на мозокот, покажуваат дека ваквите активности можат да помогнат во обработка на трауматски искуства.
Токму затоа плетењето често се доживува како терапевтско – повторливите движења му помагаат на мозокот да се справи со тешки емоции.
Придобивки за менталното здравје
Завршувањето на некое рачно изработено дело носи чувство на гордост и исполнетост. Поставувањето цели и нивното остварување го зголемува самопочитувањето и позитивните емоции.
Хобијата помагаат и во градење отпорност кон стрес. Кога сте целосно фокусирани на креативна активност, влегувате во состојба на целосна присутност, што го зголемува задоволството од животот и продуктивноста.
Хобијата ги зајакнуваат социјалните врски
Иако можете да се занимавате со нив и сами, хобијата често ве поврзуваат со други луѓе – преку пријатели, онлајн заедници или групи со заеднички интереси.
Истражувањата покажуваат дека луѓето кои плетат во група почесто се чувствуваат посмирено и посреќно, а социјалниот аспект го сметаат за една од најголемите придобивки.
Во време кога технологијата често нè изолира, ваквите активности помагаат да се создадат вистински врски и да се намали времето поминато на бесцелно скролање.


