Не е само да се роди дете, треба и да се одгледа

Трошоците за да се одгледаат деца во Македонија се високи, а поддршката од државата е неприкладна на потребите. Анализата на Центарот за еднаквост и правда изработена со анкетирање на 646 родители во онлајн прашалник и со разговори во 4 фокус-групи, покажува дека властите сериозно треба да го организираат системот за тој да одговори на потребите на различните семејства со различни приходи а притоа да се има предвид на која возраст се децата, затоа што секоја возраст носи посебни трошоци и посебни потреби.

Катерина Шапкова Коцевска (лево), Неда Чаловска (десно) / Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Катерина Шапкова Коцевска (лево), Неда Чаловска (десно) / Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

-И во европските држави е утврдено дека има различни трошоци за децата според нивната возраст. Анализата покажува дека државата дава поддршка што не соодветствува на потребите на родителите и како се зголемува бројот на децата во семејството, се зголемува и стапката на сиромаштија. Политиките што ги гради државата мора да се ревидираат за да одговорат на потребите. Државата кажува дека образованието е бесплатно, но има многу скриени трошоци – плаќање униформи, плаќања поврзани со учебници, хигиенски материјали во градинките и родителите се соочуваат со многу дополнителни трошоци за тоа што државата им кажува дека е „бесплатно“, изјави Неда Чаловска, една од авторките на анализата. 

Бебињата и тинејџерите „си бараат“ најмногу пари

 

За семејствата со бебиња и со тинејџери потребни се најмногу пари за да се обезбеди квалитетен живот.

-За деца до 2 години трошоците се 166 илјади денари годишно без во оваа сума да влезат трошоците за креветче, седиште за автомобил итн, што се дополнителни 20 илјади денари минимум, рече Чаловска.

Трошоците за бебешка опрема во првите месеци од животот далеку ги надминуваат износите на помош и додаток што државата го дава. Според анализата, основната опрема – како креветче, количка, транспортер и седиште за автомобил – чини од 15 илјади денари до 30 илјади денари зависно од квалитетот и брендот.

Дополнително, месечните трошоци за пелени, влажни марамчиња и други хигиенски производи изнесуваат 3.000 – 5.000 денари. Трошокот се зголемува ако се користи адаптирано млеко.

Во споредба, еднократната помош за првородено дете изнесува 5.000 денари, а за второ 20.000 денари — што значи дека државната поддршка покрива само мал дел од реалните трошоци, особено кај семејства кои немаат поддршка од друго место (позајмување на веќе користена бебешка опрема, подароци и слично). Ова укажува на потребата од ревизија на висината и структурата на додатоците за новороденчиња, во согласност со реалните пазарни цени и потреби, се наведува во анализата.

-На годишно ниво за редовни потреби на детето, за училиште, превоз, облека, храна чини од 150 илјади денари до 200 илјади денари во зависност од возраста на детето. Ова не е слика за целата популација туку она што ние го добивме во нашето истражување и треба да се верификува на ниво на држава. Го повикуваме Заводот за статистика да интервенира во методологиите што ги користат и да излезат со официјална пресметка за расходите што ги имаат домаќинствата со различен број издржувани деца на различна возраст, рече Катерина Шапкова Коцевска, коавторка на анализата.

Иако училиштето се смета за „бесплатно“ сепак родителите се изложени на скриени трошоци.

-Направивме пресметка за скриени трошоци. За хигиенски материјали 500 денари месечно, за униформа 1.500 денари на годишно ниво, книгите се по 500 денари, материјали на почеток на годината 2.000 денари. Кај тинејџерите и во средното образование се појавуваат скриени трошоци за електронски уреди. Над 95 проценти од родителите одговорија дека на овие деца им се неопходни електронски уреди за учење, така што за ова се потребни просечно 13 илјади денари а тоа си го плаќаат самите родители бидејќи не се поддржани од државата. 98 проценти одговорија дека тинејџерите користат телефони, и плаќаат сметки на месечно ниво плус 600 денари месечно, наведе Чаловска.

Истражувачките ги посочија Германија и Словенија како добри примери од кои македонските власти треба да учат. Во земјава, парична помош се дава за семејства кои се во екстремна сиромаштија, а реалноста е дека поддршката и помошта се потребни и кога семејството не се соочува со екстремна сиромаштија. На пример, за време на зимскиот и летниот распуст, кога училиштата не работат а за децата во основно образование нема државно згрижување, нивните родители мора да се снаоѓаат и да плаќаат по 15 илјади денари месечно за да го згрижат детето. Една третина од родителите одговориле дека училиштето во текот на школската година не го згрижува детето во целодневен престој до крајот на работното време. Така, неопходно е да се вклучува системот на „баба и дедо“ а таму кај што тоа е неможно, родителите плаќаат дополнително 12.500 денари месечно за згрижување на детето по завршување на часовите. Просечниот трошок за училиштен прибор изнесува 3.044 денари. Меѓу трошоците на семејствата е и тоа да го пратат детето на летен и зимски камп, што иако не е задолжително, за зимски камп изнесува 16 илјади и 500 денари а за летен 18 илјади и 500 денари.

-Нема бесплатни градинки. Кај градинките има скриени трошоци, хигиенски материјали, чашки, претстави, кои да, не велат дека се задолжителни, но сепак детето мора да оди. Па материјали кои се однесуваат на базари. Многу скриени трошоци кои генерално ги плаќаме. Би требало државата мерките што ги користи за семејствата во екстремна сиромаштија, да ги прошири генерално за семејствата кои имаат деца и поддршката да се пресметува зависно од потребите на семејството, додаде Чаловска.

Еден стан отиде со сите тие трошоци до 17 години, а не дека има многу ефект

 

Во најнезавидна положба се родителите на деца со попреченост.

-Еден стан отиде со сите тие трошоци до 17 години, а не дека има многу ефект, изјавил во фокус родител на дете со аутизам. 

Основните терапии со логопед, дефектолог и физиотерапевт чинат над 20 илјади денари месечно, а дополнителните трошоци за суплементи, транспорт, специјална исхрана и приватна грижа дополнително го оптоваруваат семејниот буџет. За суплементи се потребни од 2 до 4 илјади денари месечно, а за некои од состојбите за суплементи се потребни многу повеќе пари.

Фото „Слободен печат“ / Мирослава Симоновска
Фото „Слободен печат“ / Мирослава Симоновска

Разговорите со родителите на деца со атипичен развој во фокус групи, покажале дека тие мака мачат да дојдат до дијагноза – одат во странство зашто тука никој не им ја соопштува дијагнозата, а кога треба да користат дефектолог или логопед, наидуваат на „македонската реалност“, дека овие услуги на државно се нудат само во прва смена. Така, сите терапии, заедно со суплементите и понекогаш посебната исхрана ги плаќаат самите што е неиздржлив и особено голем финансиски товар.

-Дополнителните часови со дефектолог, логопед и физиотерапевт кои чинат 1.000 денари од час може да достигнат и до 24 илјади денари месечно за семејството да може да му ја обезбеди на детето неопходната заштита и поддршка што му е потребна. Родителите споделија дека имало периоди кога го обезбедувале ова, а после тоа не можат да ги покријат овие трошоци па детето не ги користи услугите иако се свесни дека тоа е на штета на здравјето на детето, сподели третата авторка на анализата Елена Димушевска.

Димушевска посочи уште еден трошок: неурофидбек терапијата што се препорачува за деца со попреченост и атипичен развој чини 20 илјади денари по сесија, односно 40 илјади денари на секои три месеци.

Законската рамка признава ограничен број дијагнози и бара редовно обновување на документи, дури и кај состојби кои не се излечиви, што создава административен товар и демотивација кај родителите воопшто да аплицираат за државна помош.

Додатокот што државата го дава на децата со попреченост дури откако ќе успеат да добијат дијагноза во долгиот административен лавиринт е околу 8 илјади денари месечно и не покрива ни една четвртина од трошоците што на родителите им требаат.

Родители од внатрешноста, како што рече Димушевска споделувале дека бидејќи во нивниот град нема ни физиотерапевт или логопед, мора да патуваат во друг град што повлекува трошоци за гориво, а во ваквите ситуации еден од родителите задолжително престанува да оди на работа за да ја преземе неопходната грижа за детето.

Пораката од анализата е дека потербна е системска промена, вложување во кадар, воведување втора смена во државните установи за логопед, физиотерапевт, дефектолог, субвенционирани терапии, да се воспостават центри за рана дијагностика и попреченост како и зајакнување на стручните знаења на професионалците. Родителите не бараат привремен туку достоинствен пристап, сигурност и препознавање на реалните потреби на нивните деца.

Препораките од анализата се во анкетата за потрошувачката на домаќинствата во Македонија, Државниот завод за статистика да вклучи и прашања за бројот на деца и нивната возраст, редовно да се објавуваат индикаторите за сиромаштија, да се ревидираат праговите за остварување права, со цел да се опфатат и семејства кои иако не се под прагот на сиромаштија, сепак се соочуваат со високи и повторливи трошоци за одгледување дете.

Истовремено, потребно е износите на додатоците да се поврзат со реалните трошоци за растење дете, наместо да се утврдуваат административно, пишува во анализата.

Во неа се препорачува и воведување универзален детски додаток и проценка за „Минимална кошничка за грижа на дете“ и да се подобри пристапот до градинка, да се обезбеди навремено доставување учебници и работни материјали во употреблива состојба во училиштата, со цел да се спречи дополнителниот трошок за родителите.

Се препорачува и развивање програми за згрижување на деца во основно образование до 10-годишна возраст, бесплатен спорт во образованието наместо плаќање на безбројни „секции“, обезбедување училишен оброк како што постои и студентски оброк, да се субвенционира добивањето електронски уред и интернет за ученици.

Потребно е да се развијат бесплатни програми за згрижување на деца во основно образование до 10-годишна возраст од самото училиште, со оглед дека сегашното решение со грижа во градинките не функционира и родителите се изложени на трошоци за згрижување на децата или пак, на неплатен труд од страна на родителите или други членови на семејството, се наведува во препораките.

Што се однесува на додатоците за новороденчиња, авторките сметаат дека е потребно зголемување на еднократната парична помош за новородено дете, во согласност со реалните пазарни трошоци за основна бебешка опрема и хигиенски производи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот