Не е издадена дозвола за отворање бугарски клуб во Пустец, вели градоначалникот Колефски

Табла со називот на улицата „Македонска“ во Пустец / Фото: Nelmak / Wikimedia

Локалната власт во Пустец во Албанија нема дадено дозвола за отворање бугарски културен клуб. Ваква изјава за новинската агенција МИА даде градоначалникот на Пустец Пали Колефски, откако беше обкавена информација на социјалните мрежи дека утре на 24 мај- Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, таму ќе се отвори бугарски културен клуб.

„Нема дозвола од надлежните албански институции за отворање бугарски културен центар. Ова го прават со цел да им се даде публицитет. Повеќе од очигледно е дека е провокација кон Македонија“, вели градоначалникот Пали Колефски.

Тој објаснува дека момче од Пустец, кое студира во Бугарија, пред повеќе месеци изнајмил под кирија простор во приватен објект.

„Но, канцеларијата, како што некој ја нарекува, е под клуч. Барам да не им се дава внимание на овие провокации. Ние знаеме што сме, Македонци и тоа не може да го смени никој, а најмалку неколкумина кои за личен интерес си го продаваат најсветото-македонскиот идентитет“, изјави Колефски.

За оваа најава, за која разбрале од социјалните мрежи, запознаени се надлежните служби во округот Корча, каде територијално припаѓа општина Пустец, вели Колефски.

Загриженост од напорите на Бугарија за асимилација на Македонците не само во Мала Преспа туку и во Гора и Голо Брдо” искажаа и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, (МАЕИ) Васил Стерјовски, како и претседателот на македонското друштво „Илинден”, Никола Ѓурѓај.

Најава за отворање на бугарскиот културен центар во Пустец преку својот профил на Фејсбук објави бугарската Фондација „Македонија“, на бизнисменот Милен Врабевски, која стоеше и зад отворањето на сега згаснатите бугарски клубови во Охрид и Битола.

Деновиве албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши, за време на посетата на Пустец изјави дека „без разлика на одредени странски влијанија, во Преспа живеат Македонци“.

„Во Преспа живеат Македонци, со македонски јазик, идентитет, култура, традиции. Без разлика на некои странски влијанија за нас тука живеат Македонци. Тие се една заедница што е додадена вредност во мозаикот на културните, историските, етнографските и јазичните вредности на нашите простори“, изјави Пелеши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот