НБРСМ: По една платежна картичка за секој граѓанин
Платежни картички се прифаќаат на вкупно 32.198 уреди на физичките места на продажба, кај вкупно 15.804 трговци во земјава, а 95 отсто ја поддржуваат бесконтактната технологија. Бизнисменот Френк Мекнамара е одговорен за креирањето плаќање со картички, а идејата за плаќање со картичка ја добил во 1950 година додека бил на вечера со пријателите во елитен ресторан во Њујорк
На крајот од 2023 година во оптек биле 1,9 милиони платежни картички во земјава, од кои 76 проценти биле засновани на бесконтактна технологија, сумира НБРСМ.
Платежни картички се прифаќаат на вкупно 32.198 уреди на физичките места на продажба, кај вкупно 15.804 трговци во земјава, а 95 отсто ја поддржуваат бесконтактната технологија. Според Народната банка, годишен раст од 6 проценти во однос на 2022 година е забележан и кај бројот на трговците што прифаќаат платежни картички при продажба на стоки и услуги на физичките места на продажба во земјата.
Според податоците за 2023 година на Народната банка, со прифаќање на платежните картички, трговците плаќале просечен надоместок во висина од 1,12 отсто од вредноста на прометот, што е помалку за 0,01 отсто во споредба со претходната година.
– Најголемо намалување се забележува кај надоместокот за плаќањата за дејноста информатичка технологија и бела техника, како и услугите на државните институции и на бензинските станици – велат од Народна банка.
Бизнисменот Френк Мекнамара е одговорен за креирањето на плаќање со картички, а идејата за плаќање со картичка ја добил во 1950 година додека бил на вечера со пријателите во елитен ресторан во Њујорк. Бидејќи немал доволно пари да ја плати вечерата, решил да ја плати со парче картон. Тој и неговите пријатели го основаа Дајнерс клуб во 1950 година како прва компанија за кредитни картички во светот. Ова го револуционизираше бизнисот.