НБ: Овозможено отворање сметки кај странски електронски сервиси за трансакции за комерцијални цели

Советот на Народната банка денес одржа редовна седница на која ја разгледа и ја донесе Одлуката за изменување на Одлуката за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство.

Со измените се овозможува граѓаните и компаниите да отвораат и да имаат сметки кај сите странски електронски сервиси за платежни трансакции што ќе ги овозможат своите услуги за резидентите од нашата земја. Тие ќе можат овие сметки да ги користат исклучиво за комерцијални цели, односно за купување и/или за продавање стоки и услуги по електронски пат.

Дали и кога граѓаните и компаниите ќе можат да отворат сметка кај одреден електронски сервис и какви услуги ќе можат да користат (дали само за плаќање или и за наплата), одлучува секој од сервисите, при што деловната одлука ја носи врз основа на сопствени анализи и оцени.

При разгледувањето на одлуката, на седницата, меѓу другото беше одбележано дека либерализацијата во однос на отворањето и поседувањето кориснички сметки кај електронските сервиси за платежни трансакции во натамошниот период може да донесе повеќе придобивки за нашата економија.

Истовремено, беше истакнато дека донесената одлука е еден од чекорите на Народната банка за поголема промоција и поддршка на електронската трговија и залагање за користење на предностите од финансиските технологии, односно се создаваат услови стоките и услугите коишто ги нудат нашите резиденти, преку електронската трговија да бидат подостапни на меѓународниот пазар.

Во дискусијата на седницата беа истакнати и можните ризици за резидентите коишто ќе ги користат овие сервиси, пред сѐ во поглед на квалитетот и сигурноста на услугите.

На денешната седница, Советот ја разгледа и ја донесе и Одлуката за изменување на Одлуката за методологијата за пресметување годишна стапка на вкупните трошоци, со којашто треба да се овозможи поголема заштита на корисниците на потрошувачките кредити.

Поконкретно, согласно со донесената одлука, давателите на потрошувачки кредити во пресметката на СВТ ќе треба да ги вклучуваат сите категории трошоци коишто ги намирува кредитокорисникот и за коишто со Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити не е предвидено да не бидат опфатени со оваа пресметка.

Со направената измена во регулативата се очекува дека ќе се обезбеди уште поголема транспарентност во формирањето на цените на потрошувачките кредити и дека на кредитобарателите ќе им биде навремено достапна поцелосна информација за вкупните трошоци коишто ќе ги имаат на годишно ниво, што ќе им обезбеди и поголема заштита како потрошувачи.

Советот ја разгледа и ја донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот. Со измената се проширува обврската на банките за утврдување капитал потребен за покривање на ризикот од другата договорна страна и на ризикот од порамнување/испорака.

Поконкретно, покрај обврската за покривање на овие ризици за позициите од портфолиото за тргување, согласно со донесената измена, од 1 јануари следната година, банките ќе имаат обврска  да издвојуваат капитал за овие ризици и за позициите од портфолиото на банкарски активности.

Станува збор за ризици коишто се присутни кај сите позиции во финансиски инструменти, а коишто би добиле поголемо значење за банките со развојот на пазарот на капитал и зголемување на вложувањата на банките во различни видови финансиски инструменти.

Со оваа измена се овозможува натамошно усогласување со Базелските капитални стандарди, како и со соодветната европска регулатива.

На седницата, Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот