Еден насилник уапсен, од вкупно шест пријавени за семејно насилство
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека во последното деноноќие е уапсен еден насилник од вкупно шест пријави за семејно насилство.
Препорачано
На 12 јуни во 20:30 часот во Тетово, полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Тетово го лишиле од слобода Б.А.(37) од Тетово, постапувајќи по претходна пријава од неговата поранешна 40-годишна партнерка од тетовско дека од април 2026 година, по прекинувањето на нивната врска, континуирано ја следел низ градското подрачје и телефонски ја вознемирувал од различни броеви, а откако одбила да ја продолжи врската упатувал и закани на неа и нејзиното семејство- велат од МВР.
Во СВР Скопје, пак, 28-годишна жена пријавила дека утрото на подрачјето на Центар, нејзината 56-годишна свекрва го оштетила нивното возило „пежо боксер“ и со употреба на физичка сила ја извадила од возило и ја турнала на земја, при што се здобила со тешка телесна повреда, констатирана во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Скопјанец бил киднапиран во Карпош, претепан и оставен во Шишево
Полициски службеници извршиле службен разговор со Ѓ.А.К.(53) и А.А.Р.(56), постапувајќи по претходна пријава дека на 10 јуни околу 23 часот во семејниот дом на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, физички ја нападнале нивната 16-годишна ќерка и внука. Според пријавеното, таа и претходно била физички и психички малтретирана од нејзината мајка Ѓ.А.К., но досега не било пријавувано.
На 12.06.2026 во 19:50 часот во СВР Скопје, 37-годишник од Скопје пријави дека околу 14:00 часот пред неговиот стан на подрачјето на Бит Пазар, неговата тетка А.Н. му упатувала закани и се обидела насилно да влезе во станот, по што истурила боја пред влезната врата. Според пријавеното, таа ѝ претходно доаѓала пред неговиот дом. За настанот е известен јавен обвинител, се вели во соопштението од полицијата.
Пријава до СВР Скопје стигнала и од 34-годишна жена дека околу 19 часот во скопско село била физички нападната од нејзиниот сопруг, со кого не живеат заедно подолг временски период.
На 12 јуни , 71-годишен маж пријавил дека на подрачјето на Кисела Вода, поради претходно нерасчистени имотно-правни односи, бил физички нападнат од неговиот внук.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите и по нивно целосно документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.


