Навалица за плински уреди во Министерството за економија

фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Огромен е бројот на граѓани кои деновиве во Министерството за економија поднесуваат барања за вградување плински уреди во возилата, велат од ресорното министерство. Јавниот повик за субвенционирање на дел од трошоците беше објавен пред една недела.

– За оваа мерка интерес имаше и пред почетокот на истата, а од кога беше пуштен јавниот повик има многу граѓани кои ги доставуваат своите барања до Архивата на министерството. Како што знаете, со ребалансот на буџетот за оваа намена се одвоени 15 милиони денари или 250.000 евра – велат од Министерството.

За потсетување, во јавниот повик на Министерството за економија стои дека ќе се субвенционира вградувањето на плински уреди во возилата во висина од 50 отсто од цената, но не повеќе од 18.000 денари (300 евра). Субвенции ќе има за 900 пријавени. Огласот ќе трае 30 дена и ќе се одвива по принципот прв дојден, прв услужен.

Претходно од Министерството за економија беше најавено субвенционирање до 3.000 евра на увоз на автомобили со најмалку еуро 5 стандард, а потоа се споменуваше и варијантата  да се намали ДДВ-то за увоз на моторни возила од 18 на под 5 проценти.

– За субвенциите или намалувањето на ДДВ при увозот на возила се уште се сите параметри и податоци околу финансиските импликации во врска со оваа мерка, но која мерка и да биде избрана таа ќе биде имплементирана во Буџетот за следната година – додаваат од министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот