Научникот што го откри сојот омикрон смирува: Нема потреба од паника, забраните за патување се бесмислени
Бразилскиот виролог Тулио де Оливеира, чијшто тим го откри најновиот сој на коронавирусот, наречен „омикрон“, смета дека медиумската паника што се прошири деновиве е штетна. Тој вели дека забраните за патувања кои итно ги воведоа многу земји во светот немаат научна смисла, пишува Индекс.
Бројни влади ширум светот, како реакција на веста за ширењето на новиот вирус во Јужноафриканската Република, најавија забрани за патување во оваа земја, а најекстремен беше Израел, кој од утре ги затвора своите граници за сите странски државјани.
„Понекогаш нè казнуваат затоа што сме транспарентни и работиме брзо“, се пожали Оливеира.
Како пример за бесмисленоста на новонајавените мерки, научникот потсети дека Вашингтон воведе ваква забрана за патување на американските граѓани во Кина уште на почетокот на пандемијата, а САД потоа имаа најголем број на случаи на ковид-19.
Во меѓувреме, Јужноафриканската медицинска асоцијација (САМА) објави дека повеќето луѓе во земјата кои се заразиле со новата варијанта на коронавирусот, не развиле сериозна клиничка слика. Пациентите најмногу се жалеле на болки во телото и замор, екстремен замор и тоа биле симптоми кај помладата генерација, а не кај постарите луѓе.
Новата варијанта на коронавирусот, која носи ознака Б.1.1.529, создаде страв кај владите во светот откако беше откриено дека е многу заразен, а повеќе земји реагираа со заострување на заштитните мерки. Американските здравствени власти најавија дека за две до три недели ќе се знае дали постоечките вакцини против коронавирусот се ефикасни против новиот сој.
И Светската здравствена организација (СЗО) ги повика денес државите да ги „остават границите отворени“. Оттаму повикуваат државите да го одберат „научниот пристап заснован на проценка на ризикот“.
„Клучно е земјите кои се транспарентни во објавата на податоците да добијат поддршка, тоа е единствениот начин на кој ќе обезбедиме на време да ги добиеме важните податоци“, наведува СЗО.