Фото: Profimedia

Научниците открија: Во овие месеци мажите се најплодни!

Периодот од годината да има позначајно влијание врз машката плодност отколку што се сметаше претходно. Според една голема нова студија, мажите произведуваат сперма со највисок квалитет во текот на летните месеци, додека плодноста им опаѓа во зима, пишува „Њузвик“.

Истражувачи од Универзитетот во Манчестер, канадскиот Универзитет Квинс и од Меѓународниот институт Криос од Данска анализирале примероци од сперма од повеќе од 15.000 мажи. Тие откриле дека подвижноста на сперматозоидите, однсно нивната способност за движење, била постојано на врвот во јуни и јули, додека најниска била во декември и јануари.

Примероците биле собрани од мажи на возраст од 18 до 45 години кои се пријавиле за донирање на сперма помеѓу 2018 и 2024 година.

Истиот тренд во Данска и Флорида

Учесниците во студијата живееле во близина на клиниките во две области со многу различни климатски услови: во Данска и на Флорида. И покрај големите разлики во временските услови, научниците забележале речиси идентични сезонски трендови на двете локации, што укажува дека промените не се предизвикани само од температурата.

„Бевме шокирани колку сличен беше сезонскиот модел во две сосема различни клими. Дури и на Флорида, каде што температурите се постојано високи, подвижноста на сперматозоидите и понатаму беше највисока во лето, а најниска во зима. Ова ни зборову дека температурата на околината веројатно не е единственото објаснување за овие промени“, рекол професорот Алан Пејси од Универзитетот во Манчестер, еден од авторите на студијата.

Не е важен бројот, туку подвижноста на сперматозоидите

Студијата покажала дека со промената на годишните времиња, не се менувал вкупниот број на сперматозоиди што ги произведуваат мажите, туку нивната делотворност во движењето. Бројот на прогресивно подвижни сперматозоиди, оние што се најспособни да дојдат до јајце-клетката и да ја оплодат, бил највисок на почетокот на летото, а најмал во средината на зимата. Од друга страна, вкупниот број на сперматозоиди и волуменот на спермата останале релативно стабилни во текот на целата година.

Научниците долго време се сомневаат дека квалитетот на спермата може да варира сезонски, но претходните студии честопати давале спротивставени резултати поради мали примероци или недоследните методи на тестирање. Ова истражување се истакнува, бидејќи сите примероци беа анализирани во рок од еден час од собирањето и со помош на истата стандардизирана опрема, што ја зголемила веродостојноста на наодите.

Потрага по други предизвикувачи

Научниот тим, исто така, ги зел предвид и надворешните температури во текот на месецот на собирањето примероци и во претходните два месеца, што е клучен период за развој на сперматозоидите. Дури и по земањето предвид на изложеноста на топлината, сезонскиот модел останал непроменет.

Ова упатува на заклучок дека улога би можеле да играат и другите фактори поврзани со годишните времиња, како што се изложеноста на дневната светлина, ритамот на спиење, физичката активност, исхраната, нивоата на стрес или сезонските болести.

Практична примена на откритијата

Истражувачкиот тим вели дека овие наоди би можеле да имаат практична примена во клиниките за плодност и за паровите што се обидуваат да добијат дете. Знаењето кога квалитетот на спермата е на врвот би можело да помогне во планирањето на тестирањето или на лекувањето на плодноста. Сепак, истражувачите предупредуваат дека на зачнувањето влијаат бројни фактори и дека може да се случи во кој било период од годината.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот