Климатски промени/ Фото AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Научници ѝ порачаа на ЕУ да почне да планира за „катастрофални“ температури од климатските промени

Европската унија мора да почне да изработува конкретни планови за справување со животот на континент што ќе биде потопол за 4 степени поради климатските промени, порачаа научници.

Како што пренесува „Политико“, тоа би значело прифаќање дека светот се движи кон „катастрофално“ зголемување на температурите што далеку ќе ги надмине целите договорени со Парискиот климатски договор и драматично ќе го наруши животот на Европејците.

„Климата во Европа брзо се менува. Ова не е далечен ниту апстрактен ризик“, изјави Отмар Еденхофер, претседател на Европскиот научен советодавен одбор за климатски промени.

Како што се загрева планетата, екстремните временски појави како поплави и суши претставуваат сè поголема закана за европското општество, економија и екосистеми. Во последните години, десетици илјади Европејци починаа за време на топлотни бранови, а уште стотици кога реките ги пробија своите корита.

Истовремено, годишните трошоци за санација од климатски катастрофи достигнаа просек од 45 милијарди евра.

Но, напорите на ЕУ за подготовка за сегашните и идните последици од глобалното затоплување се недоволни и фрагментирани, без кохерентна визија, предупреди Еденхофер.

„На ЕУ ѝ недостига заедничко разбирање за што колективно треба да се подготви, што доведува до неусогласени проценки на климатските ризици кои често го поткопуваат управувањето со ризиците“, рече Еденхофер

Според Одборот за климатски проемни, ЕУ треба да се заштити врз основа на претпоставката дека континентот до 2100 година ќе биде потопол за четири степени во споредба со прединдустрискиот период. Овој совет се надоврзува на неодамнешен план на француската влада за подготовка за Франција потопла токму за четири степени.

Освен воспоставување заедничка основа за подготовка, одборот препорачува уште четири мерки за „климатска заштита“ на Европа — од поставување цели за подготовка до сугестија ЕУ да го планира својот буџет врз основа на климатските ризици.

Со барањата за повеќе цели и проценки, многу од препораките на Одборот одат спротивно на бранот на дерегулација што го зафаќа Брисел. Во извештајот, истражувачите дури ја укоруваат Европската комисија дека е сѐ послаба во зеленото известување.

10 години по Парискиот климатски договор: Што се промени?

Сепак, советите на Одборот — независен конзорциум од врвни научници задолжен со закон на ЕУ да дава насоки за климатска политика — често се покажуваат како влијателни. Неговиот извештај од 2023 година, кој препорача цел за намалување на емисиите од најмалку 90 проценти до 2040 година, одигра голема улога во тоа институциите на ЕУ да ја усвојат таа бројка како своја цел.

Извештајот за подготовка за климатските ризици – во политичкиот жаргон наречено адаптација – е и навремен. Комисијата работи на нова „рамка“ за климатска заштита на Европа, која се очекува кон крајот на годината.

„Нашите препораки се насочени кон претстојната легислатива“, рече Еденхофер.

Иако ЕУ има обемна легислатива за намалување на емисиите на стакленички гасови, не постојат цели или политики за адаптација.

Тоа делумно е затоа што е тешко да се креираат политики на ниво на континент за климатските влијанија, кои се разликуваат по сериозност и вид не само меѓу 27-те земји членки на блокот, туку и внатре во нивните граници. Јужна Европа се соочува со поголеми закани од жештини отколку северните земји, а крајбрежните градови ќе мора да се справуваат со поинакви ризици од планинските внатрешности.

Но, напорите за намалување на емисиите, познати како ублажување (mitigation), генерално добиле повеќе внимание и инвестиции, бидејќи се насочени кон корените на климатските промени, додека адаптацијата се занимава со нивните последици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот