Наскоро во Македонија ќе пристигнат 11 илјади донирани вакцини против ковид, најави Таравари
Вкупно 11 илјади вакцини против ковид ќе ѝ бидат донирани на Македонија, најави министерот за здравство Арбен Таравари, проценувајќи дека би пристигнале за десетина дена. Покрај донираните, земјава ќе оддели пари од буџетот за набавка на вакцини.
– За другите вакцини со Европската Комисија се води набавка за сите држави во Европската Унија и Македонија е во тој пакет. Колку што имам информации, тој е во финална фаза и наскоро ќе бидат снабдени сите европски држави, па и Македонија, со вакцини за инфлуенца и за ковид, вели тој.
Тој денеска беше во посета на првиот социјален клуб за адолесценти и возрасни со аутистичен спектар, заедно со амбасадорот на Бугарија Ангел Ангелов и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Среќен сум што нашата земја конечно ке има социјален клуб за адолесценти и возрасни со аутистичен спектар. Проектот е финансиран од бугарската амбасада и ќе се развива на најсовремен начин, вели министерот.
Тој изјави дека ќе се објави јавна набавка за да продолжи изведбата на градежни работи во болниците во Кичево и во Штип.
Јас се надевам и сум сигурен дека првпат идната година ќе започнат две болници да се градат во исто време и максимум за две години откако ќе заврши изградбата, ќе бидат пуштени во употреба. Се надевам дека во октомври или ноември ќе излеземе со дефинитивен пресек што треба и каква објава ќе направиме за да се пријават сите тие кои се заинтересирани за да ги изградат овие две болници, рече тој.
Министерот информираше дека акцелераторот во Битола е поставен и функционира, а за штипскиот се чекаат информации.