Насилниците кои седумпати избодеа момче со нож во Ченто добија само мерки на претпазливост
Основниот кривичен суд соопшти дека ги прифатил мерките на претпазливост кои ги предложи Обвинителството за тројцата осомничени за бруталниот напад врз 14-годишното момче во скопската населба Ченто. Тие се под сомнение дека го претепале и му нанеле седум убоди со нож на детето. На осомничените, кои наспроти бруталноста на нападот не одговараат за обид за убиство, туку само за насилство врз дете, им се изречени следниве мерки:
Препорачано
– забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето
– обврска за повремено јавување кај определено службено лице или надлежен државен орган
– привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница
– забрана за посетување на местото каде што се случил кривично-правниот настан
– строга забрана за приближување или воспоставување какви било контакти со оштетеното дете и со неговите родители
Од Основното јавно обвинителство информираат дека во меѓувреме продолжува прибирањето докази и вештачењето на пронајдените траги на теренот.
„Истражните дејствија непречено се спроведуваат. Издадена е наредба за обезбедување на целокупната медицинска документација, се очекува наодот од медицинското вештачење, а паралелно се преземаат и други истражни мерки“, соопштија од Обвинителството.
Бруталниот напад се случи на 22 јуни, а Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава во петокот, цели 11 дена по инцидентот.
Мајката на детето во изјава за „Слободен печат“ изрази револт од квалификацијата на делото, тврдејќи дека еден од напаѓачите со себе имал и автоматска пушка.


