НАСА ќе ја лансира мисијата „Артемис II“ кон Месечината на 6 март
Американската вселенска агенција НАСА соопшти дека, по одложувањето, историската мисија „Артемис II“ кон Месечината најверојатно ќе биде лансирана на 6 март.
Препорачано
Администраторот на НАСА, Џаред Ајзекман, изјави дека „Артемис II“ ќе биде лансирана откако успешно беше завршен тестот за полнење гориво, поради кој мисијата беше привремено прекината претходно овој месец, пренесува „Гардијан“.
Тој посочи дека е постигнат „значителен напредок“ во однос на првичната генерална проба, за време на која инженерите открија истекување на течен водород од ракетата на Системот за вселенско лансирање (SLS) на лансирната рампа во Кејп Канаверал, Флорида.
Четворицата астронаути на мисијата – тројца Американци и еден Канаѓанец – денеска влегоа во втор карантински период во очекување на новиот датум за лансирање.
НАСА располага со неколку можни датуми на почетокот на март за лансирање на „Артемис II“, која ќе реализира десетдневно патување околу Месечината, но без слетување на нејзината површина. Летот ќе однесе луѓе подалеку во вселената отколку кога било досега, а според НАСА, мисијата ќе мине на околу 7.600 километри зад темната страна на Месечината, надминувајќи го рекордот за оддалеченост поставен од „Аполо 13“ во 1970 година.


