Наместо зеленило во Бутел може да никнат згради

Новиот регулациски план не ги решава проблемите, истакнува Драгана Велковска, член на Советот на Град Скопје.

На седница на Советот на Град Скопје усвоен е Регулациски план за градска четврт С15 (Општина Бутел). Со него 9,2 хектари земјиште под лозови насади (доминантно државна сопственост) може да се претворат во станбени згради, иако можеше подобро да се искористат, вели Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје.

Таа посочува дека иако постои регулациски план од 2015 година, тој не бил даден на увид на советниците за да може да се направи компаративна анализа и да се утврди квалитативното подобрување на новоусвоениот план.

Новиот регулациски план, додава таа, не ги решава проблемите.

– Заложбите на планерот се само декларативни, за потоа со графичкиот и нумеричкиот приказ да се протне план кој е целосно спротивен на текстуалното образложение. На никаков начин не се гарантира заштита на критичните земјишни ресурси и разумно не се користат со тоа што целосно се пренаменуваат во домување. Планерот си поставува извесни цели и дава препораки (повеќе зеленило за неутрализирање на тропските ноќи) кои не се одразени во графичкиот и нумеричкиот приказ. Таму остануваат само постоечките 0,26 хектари (=2.600м2) парковско зеленило за повеќе од шест илјади жители, иако имало шанса да се зголеми поради големото присуство, т.е. 9,2 хектари (92.000м2) на земјиште под лозови насади веднаш покрај булеварот „Христијан Тодоровски Карпош”, стои во соопштението.

Таа посочува дека се планираат сервисни улици со минимални тротоари од 1,5 метар на кои кога ќе се стават светилки, корпи итн., не ќе може ни двајца да се разминат. Практично, додава, ниту со сообраќаен проект нема да може да се воведат велосипедски ленти внатре во оваа четврт, иако една од декларираните цели на донесување на планот е „насочување на сообраќајниот систем кон користење на еколошки прифатливи средства”.

Според неа, овој регулациски план нема ни трага од одржливост, поради што, како што соопшти, предложила да се повлече и унапреди, но предлагачот не се согласил со забелешките што ги изнела.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот