НАкС: Транспарентно финансирање, наместо зголемување на студентската школарина

Фото МИА

Според нив, студентската партиципација треба да се користи за подигнување на студентскиот стандард, вклучувајќи ги опремата и материјалите кои им се потребни за да бидат подобри студенти, а никако за покривање на другите трошоци на универзитетите

Независниот академски синдикат (НАкС) смета дека дискусијата по повод отпочнувањето на разговори од страна на раководството на УКИМ за зголемување на висината на студентската партиципација е во погрешна насока и нема да го реши проблемот со финансирањето на високото образование и науката во државата. Од НАкС велат дека универзитетите треба да предлагаат решенија кои се во насока на подобрување на транспарентноста на финансирањето и реализацијата на буџетот од Министерството за образование и наука (МОН), а не во зголемување на издатоците на грбот на студентите.

-НАкС, од своето основање во 2016-та година до денеска, се бори за воведување на транспарентен систем на финансирање во високото образование. Со ова подразбираме создавање јасна методологија за креирање на буџетот на Министерството за образование и наука, со воспоставени критериуми за распределба и реализација на средствата кон различните високообразовни и научни институции, и секако, критериуми по кои се формираат платите на кадарот во секторот високо образование и наука – се вели во соопштението од Независниот академски синдикат.

Според нив, студентската партиципација треба да се користи за подигнување на студентскиот стандард, вклучувајќи ги опремата и материјалите кои им се потребни за да бидат подобри студенти, а никако за покривање на другите трошоци на универзитетите.

Одговорноста за финансирањето на високообразовните и научните установи припаѓа исклучиво на државата и ресорните министерства, а понатака на раководствата на универзитетите и факултетите -додаваат од синдикатот.

Реакцијата на Независниот академски синдикат доаѓа откако дел од медиумите објавија информација дека ќе се зголемува партиципацијата на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, што потоа беше демантирана од Министерството за образование.

Од УКИМ соопштија дека планираат да достават барање до Владата за зголемување на партиципациите од 200 на 400 евра и од 400 на 800 евра, со тоа што разликата во износите би паднала исклучиво на товар на Буџетот на државата, а не на студентите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот