МОН демантира дека двојно се зголемува школарината за студирање

УКИМ кампус
Кампус на општествени науки на УКИМ / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Министерството за образование и наука ги демантира информациите дека на иницијатива на Министерството и Владата ќе се зголеми двојно партиципацијата за студирање на државните високоообразовни установи на сите три циклуси на студии.

– Се работи за невистинита информација и затоа апелираме студентите да бидат спокојни, бидејќи и натаму ќе ги плаќаат истите износи за државната и за квотата со кофинансирање кои важат во моментов. Во комуникација со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, добивме информација дека ректоратот побарал мислење од факултетите и единиците во состав, за тоа дали износите кои во моментов се плаќаат се оправдани или можеби треба да претрпат одредени корекции. Но, тоа е интерно инициран процес, стои во демантот од Министерството за образование и наука.

Министерството за образование и наука, се вели во соопштението, го почитува принципот на инклузивност при креирањето на политиките и носењето на одлуките, така што ги уверуваме студентите дека ниту една одлука која го засега нивниот образовен процес нема да биде донесена без да бидат вклучени организациите кои ги застапуваат идните академски граѓани.

Некои од студенските движења во петокот информираа дека до нив стигнале информации дека двојно ќе се зголеми партиципацијата.

„Слободен печат“ испрати прашања до УКИМ, но до објавување на текстот не добивме одговор дали се размислува за ваква иницијатива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот