Најубавата библиотека во светот е близу до вас, ви ја откриваме
Ако патот ве води во Венеција, а благодарение на ефтините авио-линии од Скопје, сѐ повеќе Македонци го посетуваат овој романтичен италијански град, и ако сте љубител на книги, задолжително посетете ја библиотеката „Аква Алта“ (во превод на македонски -висока вода).
На релевантните светски листи редовно котира меѓу првите пет најубави библиотеки во светот, а единствена е по својата оригиналност. Се наоѓа во близина на познатиот плоштад „Сан Марко“, поточно на „Кале Лунга Санта Мариа Фамоза“ (Сестиере кастело 5176/Б), и отворена е од 9 до 20 часот, дури и во недела.
Оваа приватна библиотека првпат ги отвори своите врати пред 15 години, благодарение на љубовта кон литературата на Луиџи Фрицо од Виченца, но венецијанец по потекло. Овој креативен господин, кој го „пропатувал“ речиси целиот свет, сега, ја претставува Венеција на многу автентичен начин. Во неговата необична „Аква алта“ која е цел еден микрокосмос создаден од книги, ќе сретнете и стар мебел и мачки и вода која влегува од венецијанските канали. Затоа, книгите се изложени на чуден, ама практичен начин, само да се повисоко од водата – во гондоли, кануа, чамчи, кади…
Без помош на Луиџи, тешко ќе ја најдете книгата која ја барате. Тој точно ја знае локацијата на секој наслов. А, насловите се бројни, меѓу кои има и користени книги, прастари книги, ретки томови, но и бест-селери, како и необични книги од типот на „Малиот принц“ преведен на венецијански дијалект. Со малку трпение и среќа, може да излезете од оваа библиотека со книгата која никаде претходно не сте можеле да ја најдете.
Во оваа прекрасна библиотека ќе имате можност и да се качите на единствените скалила направени од книги и да „фрлите“ неповторлив поглед на романтичниот дел од градот. Не грижете се, газејќи по книгите нема да злоупотребите ниедна од нив, зашто станува збор за креативно рециклирање на веќе уништени книги и транформирани во скалила.
Иако „Аква Алта“ функционира надвор од денешната логика на издавачкиот пазар, работи беспрекорно и опстанува со години. Па, доколку отпатувате во Венеција, не ја прескокнувајте оваа душа на градот.