НАЈМАСОВНО ИСТЕРУВАЊЕ НА ЃАВОЛИ: Колумбиски свештеник со хеликоптер планира егзорцизам - Слободен печат
ВестиПланета

НАЈМАСОВНО ИСТЕРУВАЊЕ НА ЃАВОЛИ: Колумбиски свештеник со хеликоптер планира егзорцизам

Градот Буенавентура, спротивно на неговото име („добра среќа“), веќе долго време е место на насилен криминал, трговија со кокаин и сиромаштија, а титулата за најнасилно место во Колумбија ја има добиено уште пред пет години.

Свештеник од Колумбија планира да врши масовно истерување на ѓаволи, а за таа прилика војската е подготвена да му даде хеликоптер.

Монсињор Рубен Дарио Монтоја е бискуп во Буенавентура, најголемиот пристанишен град на пацифичкиот брег на Колумбија, со повеќе од 300 илјади жители.

За спасение на душите на граѓаните бискупот овој викенд ќе спроведе акција за егзорцизам (истерување на демони) врз целиот град и ќе прска со осветена вода од хеликоптер, со изговарање молитви кои треба да направат чистка на градот од, како што вели тој, демонската инвазија.

Градот Буенавентура, спротивно на неговото име („добра среќа“), веќе долго време е место на насилен криминал, трговија со кокаин и сиромаштија, а титулата за најнасилно место во Колумбија ја има добиено уште пред пет години.

„Хјуманс рајтс воч“ истакнува дека голем број градски населби се под доминација на моќни криминални групи кои вршат разни злочини, вклучително и киднапирање и распарчување на луѓе, неретко додека се се уште живи и фрлање на тела во морето. Според извештајот на оваа организиација, ваквите криминални групи имаат куќи наменети за мачење на жртвите, а тоа го потврдуваат сведоштва на локалнитете жители, црквата и официјални лица.

Иако во последниве неколку години, ситуацијата е малку подобрена, во првите пет месеци од годинава регистрирани се 51 убиство, што е за 20 загинати повеќе отколку во истиот период лани.

По смртниот случај на 10-годишно девојче кое било мачено и убиено, бискупот Монтоја се одлучил за радикален потег како масовен егзорцизам.

„Треба да го изгониме ѓаволот од Буенавентура, да видиме дали можеме да го вратиме мирот и спокојството што нашиот град ги изгуби поради големото ниво на криминал, корупција и толку многу зло и трговија со дрога кои затропаа на нашите порти – изјавил тој за локалното радио, а пренесе британски Гардијан.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Слични артикли

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close