Најава за голема воена вежба на НАТО на пролет: И македонската армија во „Дефендер 21“, активности и на Криволак

Воена вежба / Фото: EPA-EFE/Tomasz Waszczuk POLAND OUT

Вооружените сили на САД и сојузниците од НАТО кон крајот на пролетта во 2021 година ќе одржат голема воена вежба „Бранител на Европа 21″ (Defender Europe) на целиот Балкан, освен во Србија. Ова денеска го најави порталот Балканска безбедносна мрежа и наведува дека вежбата ќе се одржи во помала мера и на Балтикот и во Германија.

– Дефендер 21 ќе ги користи скоро сите поголеми воени полигони во регионот – Слуњ во Хрватска, Мањача во Босна и Херцеговина и Криволак во Северна Македонија. Ќе се вежба и на планината Сињајевина во Црна Гора и во Грција во близина на пристаништето Александрополис на границата со Турција. Предвидена е употреба и на базата „Бондстил“ кај Урошевац. Ќе се одржи на вкупно 64 локации: 31 полигон, 13 цивилни и 10 воени аеродроми, како и на шест пристаништа и четири резервни локации, информира порталот.

Во текстот пишува и дека во вежбата, од поголемите американски единици, ќе учествуваат 82-та воздушна дивизија, 173-та падобранска бригада од Виченца во Италија и 53-та пешадиска бригада на Националната гарда на Флорида. Тие ќе имаат поддршка од транспортната авијација, морнарицата и неколку единици за борбена поддршка.

„Бранител на Европа 21″ е втора во низата вежби „Дефендер Европа”.

Првата се одржа оваа година и беше најголемата американска воена вежба во Европа во изминатите 25 години, но ангажманот на трупите беше преполовен поради епидемијата на коронавирусот.

– Бранител на Европа ќе се одржува секоја година, со цел американската војска и сојузниците да ја проверуваат подготвеноста за заеднички операции и за јакнење на интероперативноста. Во непарните години, бројот на ангажирани американски трупи ќе биде помал во однос на парните години поради слични вежби во Пацификот, наведува порталот.

Армијата на Република Северна Македонија во јули годинава, преку видео телеконференциска врска, ја реализира главната планирачка конференција (ГПК) за вежбата „Defender Europe 21″, во чии рамки е вежбата „Одлучен удар 21″ (ОУ21). На конференцијата учествуваше персонал од тимот за планирање на вежбата, претставник од ГШ на Армијата, како и од канцеларијата за соработка во одбраната при Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.

„Defender Europe 21″ е серијал на вежби предводена од Армијата на САД во Европа и тоа вежбите: Swift Responce 21 (SR21), „Immediate Reponce 21″ (IR21), „Saber Guardian 21″ (SG21) и „Defender 21 Command Post Exercise” (D21 CPX). Армијата активно ќе учествува на две вежби од DЕ21 и тоа „Immediate Reponce 21″ и „Saber Guardian 21″.

Во Албанија ќе бидат стационирани околу 8.000 американски војници, а Министерството за одбрана во Тирана објави и фотографии од конференција за планирање на вежбата. Албанија го најавува „Дефендер 21″ како една од најголемите меѓународни и една од најголемите воени вежби што некогаш била одржана на нејзина територија.

Во официјалниот календар на вежби на Врховната команда на Сојузничките сили на НАТО во Европа се наведува дека вежбата „Цврст бранител 21″ (Steadfast Defender 21) ќе се одржи од 20 мај до 22 јуни на територијата на Унгарија, Романија и Бугарија.

„Цврст бранител 21″ е најавена како една од најголемите вежби на НАТО во последните неколку години, со цел да се интегрираат што повеќе борбени и неборбени елементи на НАТО и земјите-членки, со цел да бидат што е можно поподготвени за спроведување на заеднички воени операции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот