Надја Команечи: Чудото од дете кое синот на Чаушеску и тајната служба речиси и го уништија животот (ВИДЕО)

фото: olympic.com

Надја Команечи е родена во градчето Онешти, во Романија на 12 ноември 1961 година, со гимнастика почна да тренира на својата шеста година, а првиот меѓународен натпревар го имаше на само 10 години.

Целиот свет дозна која е Надја Команечи на нејзина 14-годишна возраст кога стана вистинска ѕвезда и влезе меѓу легендите на гимнастиката бидејќи на Олимписките игри во Монтреал 1976 година, на вежбата на двовисински разбој ја доби највисоката оценка – 10.

Интересно е што семафорот кој тогаш ги прикажуваше оценките од судиите немаше можност да го прикаже бројот 10 и затоа нејзиниот скор беше напишан 1,0. Публиката веднаш реагираше со свирежи и негодувања поради што судиите мораа на малата Команечи да и објаснат дека всушност таа постигнала историски успех. Надја Команечи стана една од најмладите олимписки шампионки во историјата.


Игрите во Монтреал ги заврши со дури пет медали, злато освои во повеќебој, двовисински разбој и греда, сребрен медал освои во екипна конкуренција, додека со бронзен медал се закити за вежбата на партер. Четири години подоцна, на ОИ во Москва освои четири медали, два златни и два сребрени медали.

Сепак, надвор од спортот, приватниот живот на младата Надја Команечи беше вистински хорор кој и го приреди тогашната Комунистичка партија на Романија на чие чело беше Николае Чаушеску и тајната служба.

Нејзините тренери, Бела и Карта Карољи во 1981 година за време на една егзибиција пребегаа во САД, додека Надја се врати во Романија и тоа и беше голема грешка. Таа до 1989 година живееше како во кафез поради постојаната контрола од страна на државата, поточно брачниот пар Чаушеску.

Надја Команечи дури била приморана да биде во љубовна врска со синот Нику Чаушеску. Синот на диктаротот во 1987 година дознал за врската на Надја со американски актер Стефан Бјанки и дека е бремена со него, по што испратил агенти на тајната служба по него. Тој добил закана, да ја заборави Надја или ќе биде убиен. Во вториот ден од овој настан, Надја Команеџи го загубила детето по што се обидела да изврши самоубиство.

– И денеска кога ќе се сетам на тие настани очите ми се полнат со солзи. На никого не му кажав што ми се случуваше. Знаеја само брат ми и неговата сопруга кои тајно ме доведоа со унгарската граница. Се плашев дека мајка ми ќе умре од тага кога ќе дознае, но јас во таа држава не можев повеќе да живеам – се потсетува Команечи.


Надја конечно во 1989 година успева да пребега во САД во потрага по подобар живот, но почетоците не ветуваа многу. Таа беше чувана во заложништво од страна на Константин Панаит кој и овозможи за сума од 5.000 долари да избега од Романија и преку Унгарија и Австрија да стигне во САД. Тој сфати дека може добро да заработи на најдобрата гимнастичарка на сите времиеа и ги наплатуваше сите интервјуа и гостувања во ТВ или радио емисиите. Се проценува дека Константин на овој начин заработил дури 200.000 долари, од кои Надја не добила ниту еден долар.

Со помош на пријатели, таа по една година успева да се ослободи од Константин Панаит и да се пресели во Монтреал, Канада. Но, и во Монтреал животот не и беше мед и млеко. Таа заработуваше рекламирајќи опрема за гимнастика и аеробик, а не ретко и долна облека.

Животот почнува да и оди на подобро кога во 1991 година се враќа во САД, во Оклахома сити за да му помогне на американскиот гимнастичар и олимписки шампион, Барт Конер во неговото училиште за млади гимнастичари. Тие се верија во 1994 година, а две години подоцна во близина на Букурешт се венчаа. Токму венчавката со Конер и беше првото доаѓање во Романија по падот на диктаторот Николае Чаушеску.

– Кога ја правев свадбата во Букурешт, имаше дури 10.000 луѓе на улиците. Луѓето не одеа на работа тој ден, тоа беше емотивен момент за мене бидејќи тогаш видов колку се грижеа луѓето за мене – се потсетува Надја Команечи на првото доаѓање во татковината.

Интересно е што Надја сакаше токму тогашниот претседател на Романија, Јон Илиеску да биде кум на свадбата, но поради функцијата мораше да ја одбие поканата, а на свадбата беа повикани и Арнолд Шварценегер, Хилари Клинтон, Роберт де Ниро…

Во 2006 година им се роди синот Дилан, а Надја има двојно државјанство, романско и на САД, додека Барт поради љубовта кон сопругата ја промени верата и стана христијанин.
Надја и Барт и денеска редовно учествуваат на ревијални натпреварувања, а парите ги донираат во хуманитарни цели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот