Фото: Фејбсук, Маја Манолева

На ТОАРИЛУЦ изведена прва операција на колено со помош на робот

На Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) првпат беше изведена операција на колено, со помош на робот. Се работи за интервенција врз 70-годишна жена изведена од страна на хирурзи од ТОАРИЛУЦ и хирурзи од клиника во Лариса во Грција, со асистенција на позајмен робот.

Операцијата траела околу еден час, а директорот на ТОАРИУЛЦ, д-р Александар Трајановски вели дека со оваа операција Клиниката испишува историја.

Направена е прва операција со асистенција на робот, што не е мала работа за мала држава како што е нашата, да сме рамо до рамо со сите светски клиники и сите европски и светски стандарди, изјави директорот на клиниката.

Тој нагласи дека на клиниката и понатаму ќе продолжи имплантирањето на тотални протези со оваа нова процедура која овозможува преку асистенција на робот да се минимализира каква било можност за компликација.

Хирургот досега се правеше сам. Сега роботот е асистенција на хирургот, но пак носечки дел е хирургот. Од големо значење е затоа што ги следиме сите светски стандарди и придонесува процентот за грешка да е многу помал, истакна Трајановски.

Тој додаде дека Клиниката има одлична соработка со Клиничката болница во Лариса и изрази благодарност за поддршката од Министерството за здравство, кое, како што рече, создава услови експерти од странство да доаѓаат и да вршат обуки.

Министерот за здравство Фатмир Меџити посочи дека Министерството во иднина ќе се залага за набавување на ваков робот, но дека сепак треба да се земе предвид и буџетот.

Како министер сакам да ја истакнам мојата заложба за што побрзо приближување на реформската агенда, а во исто време барајќи можности за иницирање на промени кои ќе имаат непосредно влијание врз пациентите, нивните семејства и здравствените работници, посочи министерот.

Докторите од Грција оценија дека роботиката е иднината и дека ова е голем чекор за нашата држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот