На самитот во Тирана европските челници ветија силна посветеност и проекти за Западен Балкан

Фото: Profimedia

Целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во Европската Унија е потврдена денеска на самитот во Тирана од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, високиот претставник Жозеп Борел, комесарот Оливер Вархеји, како и од шефови на држави и влади на државите-членки на ЕУ и на Западен Балкан.

Тие повикаа на забрзување на пристапниот процес заснован на веродостојни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и принципот на сопствени заслуги.

„Организацијата на Самитот за првпат во регионот е јасен знак за силната посветеност на ЕУ кон Западен Балкан и нивниот пат кон ЕУ”, соопштија од Европската комисија. Комисијата забележува дека „Руската агресивна војна против Украина го загрозува европскиот и глобалниот мир и безбедност и ја нагласува важноста на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан”.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека овој самит „дава јасна порака за нашиот ангажман, нашето единство и нашето силно партнерство”.

„ЕУ е повеќе од кога било посветена на заедничка иднина, со нашите партнери од Западен Балкан во рамките на ЕУ. И ние ја користиме секоја можност да ги зближиме нашите региони и нашите луѓе. Од заедничко решавање на енергетската криза до отворање повеќе можности за граѓаните и бизнисите, вклучително и намалување на трошоците за роаминг. Ова е големо достигнување”, нагласи таа.

Самитот беше можност да се разгледа напредокот во спроведувањето на економскиот и инвестицискиот план од речиси 30 милијарди евра, што се фокусира на водечки проекти во зелената и дигиталната транзиција, одржливиот транспорт, чистата енергија, поддршката на приватниот сектор и развојот на човечкиот капитал за да се помогне да се премости социо-економскиот јаз меѓу Западен Балкан и ЕУ.

ЕУ досега го потврди финансирањето на 40 проекти во областа на транспортот, поврзувањето, енергетската транзиција, зелената агенда, дигиталната транзиција и развојот на човечкиот капитал, со 1,8 милијарди евра поддршка од ЕУ и вкупна инвестициска вредност од 5,7 милијарди евра.

Комисијата прецизира дека тука спаѓаат „12 инвестициски проекти донесени на 5 декември, од кои 6 проекти се во енергетскиот сектор благодарение на пакетот енергетска поддршка од една милијарда евра, кој се состои од 500 милиони евра за итна поддршка на сите партнери од западниот Балканот да го ублажи поскапувањето на енергијата за претпријатијата и ранливите домаќинства, што е одобрено и ќе биде подготвено за исплата на почетокот на 2023 година; и 500 милиони евра краткорочна и среднорочна поддршка преку Инвестициската рамка за Западен Балкан за подобрување на енергетската транзиција и енергетската безбедност”.

Комисијата наведува дека пакетот опфаќа „додавање на Регионалната програма за енергетска ефикасност за енергетско ефикасно реновирање на приватни и јавни згради, шест нови инвестициски грантови за обновливи извори на енергија, три шеми за грантови за енергетска транзиција на приватниот сектор и низа гаранции за поддршка на обновливите извори на енергија и дека се очекува во соработка со меѓународни финансиски институции да мобилизира до 2,5 милијарди евра вкупни инвестиции”.

Лидерите присуствуваа и на потпишувањето на декларацијата од претставници на телекомуникациските оператори од ЕУ и од Западен Балкан за првото намалување на цените за роаминг меѓу регионот и ЕУ, почнувајќи од октомври 2023 година.

Самитот беше и можност да се разговара и да се продлабочи соработката на ЕУ со регионот во областите на управување со миграцијата, кибер безбедноста, образованието и младите.

Комисијата неодамна одобри 70 милиони евра за подобрување на способностите за управување со границите и зајакнување на борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе во Западен Балкан.

ЕУ, исто така, ја засилува својата помош и соработка со Западен Балкан за зајакнување на кибер отпорноста по серијата големи такви напади во регионот, вклучително и нова програма од 5 милиони евра за целиот регион што треба да се спроведе на почетокот на 2023 година.

Универзитетите од Западен Балкан ќе бидат вклучени и во иницијативата Европски универзитети во рамките на програмата Еразмус+ на еднаква основа со земјите-членки на ЕУ, со цел да се создадат дополнителни можности за младите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот